вторник, јули 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Условна казна од една година за експретседателката на Антикорупциска

Условна казна од една година за експретседателката на Антикорупциска

Нејзиниот колега ревизор условно половина година, раководителката на ТЕЦ „Неготино“ ослободена

319
фото П.Стојановски

Условна затворска казна од една година пресуди судијата Илија Трпков за поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за одавање службена тајна и компјутерски фалсификат. За споделување информации од предмет во Антикорупциска на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, Димитровска е прогласена за виновна за што судот ѝ изрече осум месеци казна затвор. За второто кривично дело – сторено со лажно полагање за безбедносен сертификат, изречени ѝ се шест месеци, па за двете дела единечната казна е една година која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело.

Судијата Трпков го прогласи за виновен ревизорот Миле Столевски за кривичното дело компјутерски фалсификат бидејќи од телефонската комуникација се утврдило дека тој го полагал испитот за сертификат во име на неговата колешка од ревизија. Нему му е изречена алтернативна мерка условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело. Tретообвинетата, Билјана Петровска-Мантева, е ослободена од обвинението бидејќи Обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело одавање службена тајна.

Во образложението на пресудата, судечкиот совет наведе дека секое оддавање податоци и информации не само што го урива интегритетот на ДКСК туку претставува и повреда на службената должност. Судијата Илија Трпков нагласи дека претседателот на ДКСК не само што раководи со работата на Комисијата туку е и олицетворение на довербата во јавноста.

„Обвинетата свесно го користела службениот телефонски број за изнесување информации за сметка на фаворизирање на обвинетиот Н. С. и поврзаните фирми. Исто така, обвинетата Т. Д. свесно го заобиколила системот за безбедносни проверки за да се стекне со безбедносен сертификат за пристап до информации со степен „Државна тајна“ (највисок степен на класификација), со што го загрозила безбедносниот систем на државата, а обвинетиот М. С. со своите дејства придонел за изигрување на обуките и филтрите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), со што директно придонел обвинетата Т. Д. на лесен начин да се стекне со безбедносниот сертификат и добие пристап до информации со степен „Државна тајна“, стои во пресудата на судијата Трпков.

На завршните зборови одржани на 8 јули, Обвинителството побара осудителна пресуда, посочувајќи ја функцијата на Димитровска како отежнителна околност, додека одбраната бараше ослободителна пресуда со тврдење дека не се понудени докази што ја потврдуваат вината на обвинетите. Одбраната и Обвинителството  имаат право на жалба на пресудата до Апелациониот суд во рок од осум дена. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ