Возачите во Македонија плаќаат повеќе за гориво. Со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), се зголемија малопродажните цени на сите нафтени деривати, а најголемиот удар, овој пат, е кај дизелот, кој чини 88 денари за литар, што е поскапување од дури 5,50 денари. Бензините, исто така, отидоа нагоре, но со помало покачување. Еуросупер БС-95 сега се продава по 87 денари за литар, а еуросупер БС-98 по 89 денари. И двата бензини се поскапи за по 1,50 денар.
Со новите цени, дизелот и бензините речиси се израмнија, нешто што досега ретко се случуваше.
Од РКЕ велат дека корекцијата е направена поради покачувањето на цените на суровата нафта и нафтените деривати на светските берзи. Просечното зголемување на горивата изнесува 3,59 проценти во споредба со ценовникот што важеше од 6 јули.
Додека кај нас горивата поскапуваат, Србија тргна по друг пат. Тамошната Влада привремено ги намали акцизите на нафтените деривати за дополнителни пет проценти, со што вкупното намалување достигна 10 проценти. Мерката ќе важи до 19 јули, со цел да се намали товарот врз граѓаните и стопанството.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата на светските пазари и дека, доколку има нов ценовен шок поради геополитичките случувања, подготвени се дополнителни економски мерки.
Тој потсети дека во изминатиот период Владата веќе интервенираше со намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, како и со намалување на акцизите, со цел цените во Македонија да останат меѓу најниските во регионот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценува дека новото покачување на цените на горивата ќе повлече нов бран поскапувања и дополнително ќе го удри домашниот буџет на граѓаните. Според него, Владата нема јасен план како да се справи со економската криза и со постојаното покачување на цените.
– Од оваа Влада, граѓаните може да очекуваат само една нова нула. Ниту план, ниту визија, ниту стратегија. Економијата стагнира, животниот стандард паѓа, а цените само одат нагоре. Новото поскапување на горивата ќе ја забрза спиралата на нови поскапувања – изјави Филипче.
Според него, Владата не презела доволно ефикасни мерки за да го спречи покачувањето на цените и дека нема конкретни решенија ниту за економските предизвици ниту за европските интеграции.
(С. Бл.)












