четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Нова спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“

Нова спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“

131

Привршуваат градежните работи на новата спортска сала во ООУ „Димитар Поп Ѓорѓиев-Беровски“ во населбата Хром.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, и со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изврши увид во  активностите на терен.

Оваа сала претставува прв ваков спортски инфраструктурен проект во историјата на населбата Хром и ќе биде целосно опремена со шкафчиња, санитарии и со потребната инфраструктура. Нејзината намена е да биде достапна и функционална за учениците и за сите жители на ова населено место. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 19.730.000 денари со ДДВ, што ја прави една од најзначајните образовно-спортски инвестиции во ова подрачје.

Паралелно со овој капитален проект, во училиштето се реализираше и нова инвестиција од 1.500.000 денари, со која се овозможуваат нов влез со пристапна рампа, скали и патека, простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците, санација на оштетените делови од покривот.

Стојкоски истакна дека проектот е доказ за сериозниот пристап на Општината кон унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

Премиерот Мицкоски  нагласи дека ваквите спортски објекти се многу значајни и дека имаат апсолутна поддршка и сега, но ќе имаат и во иднина.

– Ние, како Влада, и во првиот и во вториот повик финансираме проекти овде, во Општина Ѓорче Петров, во вредност од околу 6-7 милиони евра. Така ќе продолжиме и во периодот што следува – изјави Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ