недела, јуни 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нова комуникациска платформа „Дознај факти од Уставен суд“

Нова комуникациска платформа „Дознај факти од Уставен суд“

13

Уставниот суд од денеска пушта во употреба нова комуникациска платформа „Дознај ФАКТИ од Уставен суд“, наменета за навремено, точно и официјално информирање на граѓаните, медиумите и пошироката јавност.

– Платформата е создадена како дел од заложбите на Судот за поголема транспарентност, отвореност и достапност на информациите од јавен интерес. Нејзината цел е да обезбеди проверени факти и појаснувања за работата на Судот, постапките, одлуките и надлежностите, но и да придонесе во борбата против дезинформациите, шпекулациите и лажните вести поврзани со работата на Уставниот суд, кои во изминатиот период се зачестени – соопшти прес-службата на Уставниот суд.

Преку „Дознај ФАКТИ“, наведуваат во соопштението, Судот ја зајакнува својата проактивна комуникација со јавноста, обезбедувајќи место каде што фактите ќе бидат достапни и лесно разбирливи.

Најавуваат дека платформата ќе содржи точни и официјални информации, појаснувања на одлуки и постапки, разликување на фактите од шпекулациите, како и едноставни објаснувања за уставно-правни прашања.

Покрај актуелните содржини, платформата ќе објавува и податоци за Судот, организацијата и надлежностите, значајни одлуки од уставно-судската практика, како и интересни факти од историјатот на Уставниот суд и развојот на уставното судство. На овој начин, посочуваат од уставниот суд, „Дознај ФАКТИ“ ќе претставува и едукативен простор кој ќе придонесува за унапредување на јавната, правна култура и подобро разбирање на улогата на Судот во заштитата на уставноста, законитоста и човековите права и слободи.

-Со воспоставувањето на оваа платформа, Уставниот суд ја потврдува својата определба за навремена, точна и одговорна комуникација со јавноста, како и својата посветеност кон градење на доверба преку факти и официјални информации. Кога имаш дилеми – провери ги фактите! Точно. Јасно. Официјално. Дознај ФАКТИ од Уставен суд – порачува Уставниот суд.

ИЗДВОЕНИ