Крузерот „МВ Хондиус“, на кој три лица починаа од хантавирус, конечно ги напушти водите на Капо Верде по неколку дена и е на пат кон Тенерифе, најголемиот остров во шпанскиот Канарски архипелаг.
За патниците и членовите на екипажот заробени на крузерот, деновите се како вечност, и тие сигурно ќе поминат уште неколку дена на бродот.
146 лица од 28 земји остануваат на бродот, а сите се под „строги мерки на претпазливост“, соопшти компанијата.
Меѓу патниците е и една црногорсдка државјанка, потврди Адис Мартиновиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.
„Во контакт сме со единствената државјанка на тој брод“, рече Мартиновиќ.
„Таа нè контактираше, рече дека е здрава, дека не е болна и дека не била во близок контакт со други случаи на бродот“, изјави тој за Радио Телевизија на Црна Гора (RTCG).
Бродот беше закотвен во водите на Капо Верде, на западниот атлантски брег на Африка, три дена, а властите на таа земја одбија да му дозволат на бродот да стигне до едно од пристаништата.
Шпанската влада потоа објави дека е подготвена да го прифати бродот на Канарските Острови, што предизвика силно противење од локалните власти.
Според најновите информации, бродот треба да доплови кај Тенерифе на 10 мај.
На бродот MV Hondius има и 14 шпански државјани, што владата во Мадрид го зеде предвид при донесувањето на својата одлука, и сите тие ќе бидат ставени во карантин во воена база во Мадрид, според Шпанија.
Луѓето од други земји ќе бидат префрлени во нивните земји ако немаат симптоми, изјави шпанската министерка за здравство Моника Гарсија.












