понеделник, октомври 12, 2026
Дома СВЕТ Нов напад на аеродромот во Ријад, објавени првите снимки: Пожар во патничкиот...

Нов напад на аеродромот во Ријад, објавени првите снимки: Пожар во патничкиот терминал, пријавени жртви/видео

18
Фото:принтскрин, видео „Икс“

Едно лице загина, а 11 беа повредени во вториот напад врз меѓународниот аеродром во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, соопштија официјални лица.

Портпарол на саудиската војска изјави дека ракета го погодила Меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во неделата, предизвикувајќи пожар во патничкиот терминал. Саудиските власти за цивилно воздухопловство објавија на платформата „Икс“ дека едно лице – државјанин на Пакистан – загинало во нападот, пренесува „Би-би-си“.

Ова се случува по нападот на истиот аеродром еден ден претходно, во кој загинаа 13 лица, а 308 беа повредени. Претходно во текот на неделата се случија и низа други напади.

Хутите од Јемен ја презедоа одговорноста за нападите и ги предупредија авиокомпаниите и патниците да не ги користат аеродромите и воздушниот простор на Саудиска Арабија. Групата соопшти дека во изминатите 24 часа го нападнала аеродромот користејќи комбинација од балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала.

Тие исто така нападнале нафтени постројки и аеродромот во Дамам, во источниот дел на Саудиска Арабија, според нивниот воен портпарол, бригадниот генерал Јахја Сари.

Тој вети дека ќе продолжат со „ескалација на операциите длабоко во саудиската територија“, предупредувајќи дека сите саудиски аеродроми се потенцијални цели, со исклучок на оние во светите градови Мека и Медина.

Хутите објавија дека ја нападнале Саудиска Арабија поради нејзината поддршка за владините сили во јеменската граѓанска војна, како и поради воздушниот напад врз аеродромот во Сана. Генерал-мајор Турки ал-Малики, портпарол на воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, во неделата изјави дека противвоздушната одбрана пресретнала ракета во близина на аеродромот во Ријад, додека властите се бореле со пожар предизвикан од „неидентификуван проектил“ што го погодил патничкиот терминал 4.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе „донесат одлука“ и ќе „дејствуваат многу брзо“ во врска со тоа дали да ги нападнат Хутите, додека британскиот министер за одбрана Вес Стритинг навести дека Велика Британија би можела „потенцијално“ да обезбеди поголема поддршка за Саудиска Арабија. Нападот во саботата беше најсмртоносниот поединечен удар врз некоја арапска земја од Персискиот Залив од почетокот на војната меѓу Израел, САД и Иран во февруари. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија вети одговор, нарекувајќи го нападот „воено злосторство“.

Меѓу загинатите имало четворица саудиски државјани, двајца поединци од Бангладеш и по едно лице од САД, Јордан, Палестина, Сирија, Судан и Египет, соопшти Саудиската генерална управа за цивилно воздухопловство.

Амбасадата на Индија во Саудиска Арабија во неделата објави дека еден индиски државјанин им подлегнал на повредите здобиени во нападот. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги осуди нападите и потврди дека во нив загинал американски државјанин. Британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд изјави дека е „згрозен“.

Саудиска Арабија не ги потврди овие напади, а Би-Би-Си не успеа независно да го потврди извештајот.

Абдула ал-Алими Бавазир, заменик-директор на Канцеларијата на претседателството на меѓународно признатата јеменска влада, повика на „одлучна акција“ од страна на регионалните и меѓународните партнери.

Во четвртокот беше нападнат и аеродромот во Ријад, инцидент во кој животот го загубија тројца саудиски државјани. Хутите ја презедоа одговорноста, наведувајќи дека користеле крстосувачки ракети за да го нападнат аеродромот.

Два дена претходно се случија уште два смртоносни напади врз саудиските аеродроми во Абха и Ријад. Најновиот бран на насилство уследи по пропаѓањето на привремениот прекин на огнот меѓу Хутите и силите предводени од Саудиска Арабија во јули, договор постигнат во 2022 година. Конфликтот ескалираше откако Хутите, во брза офанзива, зазедоа стратешки важни делови од брегот на Црвеното Море, што предизвика одмазднички напади од страна на Саудиска Арабија. Јеменските провладини сили подоцна објавија дека ги обезбедиле тие региони. Хутите моментално контролираат околу една четвртина од територијата на Јемен и дури 80% од населението на земјата. Оваа вооружена група, поддржана од Иран, се надева дека на крајот ќе воспостави целосна контрола.

Саудиска Арабија стравува дека тоа би довело до создавање иранска држава-сателит на нејзината јужна граница.

ИЗДВОЕНИ