Судирите продолжуваат на индиско-пакистанската граница, откако Индија изврши напади врз, како што тврди, терористички цели во соседната земја во среда навечер.
„Ги уништивме индиските воени бази на де факто границата“, изјави пакистанскиот министер за информации Атуалах Тарар за Скај њуз.
Министерот тврди дека Пакистан убил „40-50 индиски војници“ по должината на де факто границата меѓу областите во спорниот регион Кашмир контролиран од Индија и Пакистан.
Тарар, исто така, ја обвини Индија дека е „агресор“ и вети дека Пакистан ќе „одговори“ на нападите.
Индија: Ја неутрализиравме воздушната одбрана во Лахорe
Од друга страна, Индија тврди дека Пакистан се обидел да нападне голем број воени цели на северот и западот од земјата во текот на ноќта. Индија тврди дека нејзините вооружени сили, исто така, нападнале системи за воздушна одбрана и радари на голем број локации во Пакистан.
„Системот за воздушна одбрана во Лахор е неутрализиран“, соопшти индиската армија.
Индија тврди дека 16 лица, меѓу кои три жени и пет деца, се убиени во напади од Пакистан од среда наутро.
Во меѓувреме, пакистанската војска тврди дека соборила 25 израелски дронови „Хароп“ од Индија.
Индиските власти евакуираа цивили од десетици села во близина на високо милитаризираната линија на контрола, додека некои што живеат во пограничните градови како Ури и Пунч доброволно ги напуштија своите домови, соопштија тројца полициски и цивилни претставници.
Пакистан привремено ги суспендира летовите на четири аеродроми
Пакистан накратко ги суспендираше сите летови на аеродромите во Исламабад, Карачи, Лахор и Сиалкот во четврток наутро поради „оперативни причини“, соопштија аеродромските власти во земјата. Ова доаѓа еден ден откако Индија започна воздушни напади врз Пакистан и пакистански Кашмир како одговор на минатомесечниот напад во Пахалгам во кој загинаа 26 лица.