Цените на мало во Македонија продолжуваат да растат, а најголемиот притисок врз буџетот на граѓаните и натаму доаѓа од поскапувањето на храната, земјоделските производи и транспортот. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, цените на мало во мај 2026 година се повисоки за 5,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Најголем годишен пораст е регистриран кај земјоделските производи, чии цени во мај се зголемени за 6,7 проценти во однос на мај 2025 година. Висок пораст бележат и услугите, кои поскапеле за 6 проценти, додека цените на стоките се повисоки за 5,4 проценти.
Особено загрижувачки за граѓаните е порастот на цените на прехранбените производи, кои директно влијаат врз секојдневните трошоци на домаќинствата. Во мај, годинава, храната била поскапа за 4,2 проценти во споредба со истиот месец лани. Кај индустриско-прехранбените производи е регистриран пораст од 3,4 проценти, додека кај пијалаците, алкохолни и безалкохолни, цените се повисоки за 1,3 проценти.
Статистичките податоци покажуваат дека трендот на поскапување не ги заобиколува ниту индустриските производи. Во мај, годинава, тие се поскапи за 5,3 проценти во споредба со мај минатата година. Кај непрехранбените индустриски производи и тутунот е регистриран уште поголем пораст од 6,4 проценти.
Анализата на месечно ниво покажува дека порастот на цените продолжил и во однос на април. Најголемо зголемување е забележано кај земјоделските производи, чии цени за само еден месец пораснале за 4,4 проценти. Прехранбените производи поскапеле за 1,3 проценти, услугите за 1,5 проценти, а стоките за 0,6 проценти.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првите пет месеци од годинава, цените на мало се повисоки за 3,4 проценти во споредба со истиот период лани. И во оваа споредба, најголем пораст има кај земјоделските производи од 5,3 проценти. Следуваат прехранбените производи со пораст од 5,2 проценти и индустриско-прехранбените производи со зголемување од 5,1 процент.
Меѓу категориите кои најмногу придонесуваат за порастот на трошоците за живот е транспортот. Во мај 2026 година цените во оваа област се повисоки за дури 11 проценти во однос на мај минатата година, што претставува еден од највисокиот годишен пораст меѓу сите категории опфатени со статистиката. Поскапувањето на транспортот директно влијае врз семејните буџети, но индиректно се одразува и врз цените на голем број производи и услуги поради повисоките трошоци за превоз и дистрибуција.
Економските аналитичари предупредуваат дека континуираниот пораст на цените, особено кај храната и транспортот, останува еден од најголемите предизвици за животниот стандард на граѓаните. Иако инфлацијата е значително пониска во споредба со кризата од претходните години, поскапувањата и натаму се чувствуваат во секојдневниот живот, особено кај домаќинствата со пониски приходи, каде најголем дел од буџетот се троши токму за храна, комунални услуги и транспорт.












