Филмот „Нов бран“ (New Wave / Nouvelle Vague) најновото остварување на американскиот режисер Ричард Линклејтер, ќе почне да се прикажува од 19 март во домашните кина, соопштија од дистрибутерската куќа „МЦФ МКД“.
Станува збор за докудрама од 2025 година што ја раскажува приказната за создавањето на култниот филм на Жан-Лик Годар „До последен здив“, раскажан во духот и стилот во кој самиот Годар го направи филмот што го одбележа новиот француски бран.

Париз, 1959 година. Младиот Жан-Лик Годар е решен да го сними својот прв филм. Спротивставувајќи се на конвенциите, финансискиот хаос и скептичните продуценти, тој заедно со своите соработници започнува тивка револуција во кинематографијата, доловувајќи ја сировата енергија на тоа време.
Со Гијом Марбек како Жан-Лик Годар, Зои Дојч како Жан Себерг и Обри Дулин како Жан-Пол Белмондо во главните улоги, заплетот го следи создавањето на „До последен здив“ (1960), еден од клучните филмови на францускиот нов бран.
Во останатите улоги играат Брон Дрефурст, Бенжамин Клери, Метју Пеншинат, Полин Бел, Блез Питебон, Беноа Буторс, Паоло Лука Ное.
Филмот е во траење од 106 минути и е француско-американска копродукција. Светска премиера имаше на Канскиот филмски фестивал.
Проекцијата на филмот „Нов бран“ ќе има и во Кинотеката на Македонија, на 26 март, во 20 часот.

-Интелигентен омаж на еден од највлијателните периоди во историјата на европската кинематографија, кога младите автори радикално ги преиспитуваа формата, нарацијата и односот меѓу филмот и реалноста, истакнаа од Кинотеката.
Американскиот режисер Линклејтер е добитник на награда „Златен глобус“, „Сребрена мечка“, „Цезар“, а има и пет номинации за „Оскар“.












