Откако го освои Рим и стана најмладиот играч во историјата што ги комплетирал сите мастерс 1.000 турнири, Италијанецот Јаник Синер повторно ја покажа својата огромна почит кон Рафаел Надал, Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ.
Синер сега има освоено шест последователни мастерс-титули, а, исто така, ја продолжи и својата рекордна победничка серија на мастерс 1.000 турнирите на 34 триумфи.
Покрај тоа, тој стана првиот играч по Надал што ги освоил Монте Карло, Мадрид и Рим во иста сезона пред Ролан Гарос.
Сепак, и покрај сè, светскиот број еден одбива каква било споредба со „големата тројка“.
- Она што го правеа Рафа, Роже и Новак 15 години е неверојатно. Никогаш не би си дозволил да кажам дека сум на нивно ниво – истакна Синер во емисијата „Che Tempo Che Fa“.
Тој особено го издвои српскиот ас.
- Она што го направија тие и она што продолжува да го прави Новак е навистина неверојатно – додаде Италијанецот.
Синер вели дека сака да напише своја приказна.
- Се обидувам да го дадам максимумот физички и ментално, но и да најдам сила по тешките моменти низ кои поминав минатата година и на почетокот од оваа сезона – нагласи Синер, посочувајќи дека Ролан Гарос е негова најголема цел.











