четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Незадоволството излегува на површина, дел од СДСМ бара ново раководство: Шилегов против...

Незадоволството излегува на површина, дел од СДСМ бара ново раководство: Шилегов против Филипче – притисок за промени на партискиот врв!

Петре Шилегов најави појавување на незадоволна група социјалдемократи на јавна сцена, кои ќе побараат големи промени во редовите на најголемата опозициска партија. „Процесот е активен, ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат, да не го прават тоа повеќе. Да дојдат некои други луѓе да ја раководат партијата“ – кажа Шилегов. Од редовите на СДСМ денеска немаше коментар, освен што партискиот потпретседател, Александар Трајановски, деновиве изјави дека тоа се „неприфатливи барања бидејќи не се аргументирани“

682

Незадоволниците во редовите на најголемата опозициска партија, СДСМ, наскоро излегуваат на виделина – со барање за смена на лидерот Венко Филипче и најава за нова платформа со цел да се направат сериозни промени во партијата. Ова е нова најава на поранешниот скопски градоначалник од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, откако во јануари, годинава, излезе со категоричен став дека партискиот лидер Венко Филипче треба да поднесе оставка. Но, сега, за разлика од тогаш, се најавува настап на поголема група сопартијци и по што ќе стане неизвесно како натаму ќе се развиваат внатрешните состојби во СДСМ. Оваа партија, инаку, се подготвува за партиски конгрес во јуни, на кој треба да се донесат нови програмски документи базирани на социјалдемократските вредности. На конгресот во јануари, пак, иако се очекуваше пројавувањето на група незадоволници од актуелното раководство, тоа не се случи.

Сега, Шилегов најавува дека појавувањето на групата е мотивирано со тоа што опозициската партија кадровски се испразнила и дека е загрозен нејзиниот опстанок.

–Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски е сериозно испразнет. Луѓето што можеа да помагаат, а се од СДСМ, очигледно не се пожелни. Сите не дочекаа на нож зашто укажавме дека начинот на раководење со партијата во последните неколку години ја носи партијата на прагот на политичка егзистенција. СДСМ стана петта партија во Скопје, трета партија во Битола, Прилеп, Велес, Штип. И кога барате одговорност за тоа, велат дека од ВМРО ве платиле или ве уценувале – рече тој во телевизиско интервју.

Нова платформа за безлична партија

Зборувајќи за тоа како ќе го изразат незадоволството, односно дали може да се очекуваат групации или фракции, рече дека процесот е активен, како и дека е поголем бројот на оние што не се согласуваат со тоа како се води партијата од страна на актуелното раководство.

– Процесот е активен, ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат, да не го прават тоа повеќе. Да дојдат некои други луѓе да ја раководат партијата. Тие наскоро ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре, во партијата. Кај граѓаните, опозициското чувство е високо, но СДСМ вака организиран, безличен и без можност да привлече нови гласови, очигледно е дека треба да се бара поинаков пристап – нагласи Шилегов додавајќи дека процесот е воден од луѓе што политички израснале во СДСМ.

На ова вчера немаше официјални партиски реакции од страна на СДСМ. Лидерот Филипче уште, во јануари, имаше остар одговор по барањето на поранешниот градоначалник за негова оставка.

– Јавно да се изнесуваат вакви работи во момент кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас, послаб. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени, за да го натераат однатре, од самата партија, да внесе немир во нашите редови – објави тогаш Филипче на својот профил на „Фејсбук“.

На јануарскиот конгрес, Филипче соопшти дека секој е добредојден.

– Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува однатре, кој планира да биде Тројански коњ на ВМРО… нека си замине веднаш – порача тогаш Филипче.

Деновиве, пак, за однесувањето на Шилегов се изјасни и актуелниот партиски потпретседател, Александар Трајановски. Тој рече дека не се согласува со барањата на поранешниот партиски потпретседател и градоначалник на Скопје.

– Барањата на Шилегов јас, лично, не би ги прифатил, затоа што не се аргументирани. Мислам дека конгресот беше буквално мерило дали има некоја насока за такво нешто или не. Мислам дека од тоа нема да испадне ништо. А и доколку се отвори некоја таква тема, ќе излеземе сите пак на избори и ќе видиме до каде сме. Јас мислам дека такво нешто нема да излезе, а и доколку излезе, тоа ќе бидат членови на СДСМ, што во еден дел од своите животи добиле многу оттаму. Така што, тоа говори за таа намера дали е искрена – рече Трајановски.

Тој додаде дека на јануарскиот конгрес имало обид за тивок бојкот од одредени општински организации, но со оглед на фактот дека 70 отсто од делегатите биле присутни на конгресот, тој бил легитимен.

– Ако ме прашувате мене, најмногу ме боли кога членови кои добиле сè од партијата, и доколку не им била партијата во даден момент од животот, немале да успеат во своите амбиции, некогаш се вртат против партијата, рече тој.

Кој сè е во групата?

За постоењето на група незадоволници во редовите на СДСМ се зборува веќе подолго време. Во медиумите, од почетокот на годинава, почнаа да се јавуваат најави за иницијатива на поранешни високи функционери за „создавање на силен и победнички СДСМ со заеднички сили“. Наводно, дел од оваа иницијатива се поранешниот потпретседател на СДСМ, Игор Ивановски и поранешниот генерален секретар, Андреј Петров, кои речиси идентично размислуваат во врска со политичкиот пат на СДСМ. Наводно, овие функционери изразуваат скептицизам дека актуелното лидерство на партијата може да акумулира поголема поддршка од оваа сега, поради што стравуваат дека партијата ќе стагнира, па дури и дополнително ќе назадува. Петров тогаш за весникот ВЕЧЕР изјави дека сака да се „воздржи од коментари на оваа тема“. Според сознанијата, иницијаторите немале во план формирање нова партија, туку целта е организиран притисок за промени поради сериозно нарушената внатрепартиска состојба. На актуелното раководство опонентите ги стават лошиот резултат на локалните избори, изборот на погрешни кандидати, погрешни партиски потези, па сè до вокабуларот кој се користи во партиските соопштенија.

Напоредно со ова, следуваа и две оставки по општинските партиски организации. Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка од редовите на СДСМ, објави дека се повлекува од челната функција во општинската организација наведувајќи дека е „тоа е најкоректниот потег во моменталната состојба“. Првиот партиски човек во Битола, Методија Куновски, пак, своето повлекување го образложи со тоа што во изминатиов период „сѐ поизразени станаа практики кои не се во согласност со неговите лични принципи“. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ