Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) штотуку издаде вонредно известување за моменталната состојба со времето во државата.
Иако главниот бран од силниот студен фронт се најавуваше за утре, најновите радарски снимки покажуваат дека атмосферата веќе е сериозно дестабилизирана во делови од Македонија.
„Според најновата радарска слика, во западните и југозападните планински региони во моментов има појава на нестабилност проследена со пороен дожд и силни грмежи“, соопштуваат вонредно од УХМР.
Според актуелната временка прогноза на УХМР утре ќе се задржи топло време. Попладне, во текот на ноќта и во петок претпладне ќе има повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд (над 15 l/m²) и услови за невреме со појава на град.
Во петок ќе дува засилен, долж Повардарието повремено силен ветер од северeн правец (над 60 km/h), а дневната температура ќе опадне од 5 до 7 степени. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и посвежо. Од понеделник температурите повторно ќе бидат во пораст.












