Доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и другите светски лидери целосно го промени секојдневието во кинескиот мегаград Шенжен. Во пресрет на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), властите воведоа строги безбедносни мерки, забранија употреба на автомобилски сирени, ги приземјија дроновите и воведоа сериозни сообраќајни ограничувања.
Шенжен, еден од најважните технолошки и економски центри на Кина, овие денови е невообичаено тивок. Градот познат по густиот сообраќај, електричните велосипеди и дроновите што доставуваат храна е претворен во строго контролирана сцена за средба на светските лидери.
Како што пренесува „Ројтерс“, кинеските власти сакаат преку самитот да покажат колку се променил Шенжен – од некогашно подрачје со рибарски и земјоделски населби до современ мегаград и симбол на кинескиот економски подем.
Повеќе од 1,5 милиони возачи се откажаа од автомобилите
Една од најневообичаените мерки се однесува на сообраќајот. Повеќе од 1,5 милиони сопственици на автомобили се пријавиле во програма со која се обврзале дека за време на самитот нема да ги користат своите возила.
За возврат, доколку го исполнат ветувањето, можат да добијат специјални налепници со ознаката АПЕК и картички за јавен превоз во вредност до 100 јуани, односно околу 15 долари.
Од вторник, 17 ноември, на автомобилите со регистарски таблички надвор од Шенжен им е забранет влезот во поголемиот дел од градот во текот на денот. Во шест клучни градски области ограничувањето важи од 6 до 22 часот, сè до петок.
Промени има и за возачите на електрични велосипеди. Властите ги повикаа поретко да ги користат своите возила за време на самитот, нудејќи им попусти за осигурување, додека велосипедите паркирани покрај главните сообраќајници се отстрануваат.
Ако затрубите, може да платите казна
Во градот дополнително е заострена забраната за користење автомобилски сирени. Новите правила, кои стапија во сила во ноември, се спроведуваат со помош на специјални акустични камери што можат да препознаат возила чии возачи непотребно користат сирена.
Казните започнуваат од 300 јуани, односно околу 45 долари.
Иако Шенжен и претходно имаше ограничувања за трубење, во пресрет на доаѓањето на светските лидери контролите се дополнително засилени.
Сепак, не сите жители се задоволни од новите правила.
„Луѓето сега многу поопасно се вклучуваат во сообраќајот, а вие само треба да седите и да гледате“, се пожалила 29-годишната Лиу, која работи во медиумската индустрија, во разговор за „Ројтерс“.
Според неа, забраната за трубење им ја отежнува на возачите можноста да ги предупредат другите учесници во сообраќајот за опасни ситуации.
Приземјени и дроновите за достава на храна
Шенжен е познат како центар на кинеската индустрија за дронови. Во градот се наоѓа седиштето на „DJI“, еден од најголемите светски производители на беспилотни летала, а дроновите секојдневно се користат и за достава на храна.
Но, за време на самитот ниту тие нема да смеат да летаат.
Компанијата „Meituan“, која во градот нуди достава на храна со дронови, привремено ги прекинала летовите во период од десет дена.
Безбедносните ограничувања се однесуваат и на други мали летала и предмети што се пуштаат во воздух, вклучувајќи змејови, балони и летечки лампиони.
Мерките најпрво биле воведени во областите Футијан и Наншан, а потоа биле проширени на целата територија на градот.
Целта е да се намалат безбедносните ризици за време на престојот на државниците и нивните делегации.
Децата добија четири дена одмор, но родителите не
Специјалните мерки го променија и секојдневието на семејствата. Основните и средните училишта во Шенжен од вторник започнаа четиридневен есенски распуст, но возрасните не добија автоматски слободни денови.
Тоа им создаде проблеми на дел од вработените родители, кои мораа да најдат начин да организираат чување на децата.
Една жителка, која „Ројтерс“ ја претставува под името Бо, изјавила дека поради затворањето на одредени сообраќајници нема да може со автомобил да оди на работа.
Сепак, нејзиниот најголем проблем не е сообраќајот, туку грижата за децата за време на училишниот распуст.
Поради тоа, властите во Шенжен ги повикале работодавците, каде што е можно, да им овозможат на вработените работа од дома, флексибилно работно време или платено отсуство.
Дел од жителите одлучиле да ја искористат можноста за патување. Џон, наставник во средно училиште, за „Ројтерс“ изјавил дека заминува во Чонгкинг, град во југозападна Кина.
„Само сакам да се опуштам, да уживам во евтина храна и да се вратам кога работите ќе се нормализираат“, рекол тој.
Вработените добиле предупредување да внимаваат што пишува на нивните маици
Подготовките за самитот отишле дотаму што некои компании им давале совети за облекување на своите вработени.
Канцелариската работничка Лин за „Ројтерс“ раскажала дека нејзината компанија ги предупредила вработените да не носат облека со англиски натписи чие значење не го разбираат.
Причината е прилично необична – работодавците сакале да избегнат некој несвесно да носи маица со непристојна или навредлива порака пред странските гости.
Во исто време, десетици илјади луѓе низ градот носат црвени јакни со англискиот натпис „volunteer“, односно волонтер.
Меѓу нив има и обезбедувачи во станбените комплекси.
„Шефот ни рече дека мора да ги носиме“, изјавил обезбедувачот Гуо од градската област Наншан.
На прашањето дали знае што пишува на неговата јакна, тој одговорил: „Не зборувам англиски“.
Шенжен се разубави за светските лидери
Покрај безбедносните ограничувања, градските власти вложиле значителни напори и во уредувањето на Шенжен.
Областите околу локациите на кои ќе се одржува самитот добиле нови цветни површини, обновени сообраќајници и уредени јавни простори.
Особено внимание привлекува подрачјето околу езерото Сјангмиху, познато и како Хани Лејк, каде што се наоѓа еден од главните простори за одржување на самитот.
Таму во 1985 година бил отворен еден од најголемите забавни паркови во Азија. Неговата одамна неискористена ролеркостер-пруга била отстранета во 2024 година, за просторот да може да се преуреди во модерна финансиска зона.
Сепак, дел од жителите сметаат дека властите претерале со трошоците.
„Изгледа убаво, но тоа се пари на даночните обврзници што ги трошат“, изјавила Бо, која живее во близина на локацијата на самитот.
Кина сака да му ја покаже на светот својата најдобра страна
За кинеските власти, самитот на АПЕК не е само дипломатски собир, туку и можност пред светот да ја претстават економската и технолошката моќ на земјата.
Шенжен е дом на големите кинески компании како „Huawei“, „BYD“ и „DJI“, а воедно е еден од најважните светски центри за развој на електроника, електрични возила и роботика.
Неговата трансформација од подрачје со мали населби во огромен технолошки центар е симбол на кинеските економски реформи и отворањето кон светот.
Токму затоа доаѓањето на Доналд Трамп, Владимир Путин и другите светски лидери претставува можност Кина да го прикаже Шенжен како модерен, безбеден и добро организиран град.












