недела, август 23, 2026
Дома КУЛТУРА „Некст ту сајленс“ со концерт во Сули ан во рамки на „Скопско...

„Некст ту сајленс“ со концерт во Сули ан во рамки на „Скопско лето“

45

Во Сули ан, на 9 јули со почеток од 20:30 часот, џез-групата „Некст ту сајленс“ (Next to Silence) ќе одржи самостоен концерт.

Концертот се одржува во рамките на фестивалот „Скопско лето“ и на него ќе се изведе музика што неодамна ја сними составот. Иако музиката сè уште не е издадена на албум, ова ќе биде ретка можност публиката да се запознае со карактерот на новите композиции на „Next to Silence“.

„Некст ту сајленс“ е македонски џез-состав што функционира повеќе години и е сочинет од членови што долго соработуваат со разни формации. Негови членови се: Кирил Кузманов – саксофон, Ади Имери – гитара, Филип Димишковски – клавијатури, Драган Стојковски – бас-гитара и Гоце Наумов – барабани. Оваа музичка група фаворизира специфичен џез-израз, кој не се вклопува во конкретни категории и истовремено има интеракција со духовни и саркастични елементи. Нивните албуми се издадени за „SJF Records“ на „Скопскиот џез-фестивал“ и тие отелотворуваат разни звучни стории и го раскажуваат она што најубаво се кажува без зборови. Иако името на бендот „Некст ту сајленс“ потекнува од реченица во џез-магазин, која ја објаснува музиката како „најубавиот звук покрај тишината“, сепак, неговата музика не е ниту најубав звук ниту тишина. Тaа е нешто помеѓу. Музиката на овој бенд би можела да биде повикување на различни приказни или звучен пејзаж лишен од значење… искуство што може да ве доведе до тишина.

ИЗДВОЕНИ