среда, јули 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гугл повторно ја снима Македонија – 13.000 километри за новата дигитална карта

Гугл повторно ја снима Македонија – 13.000 километри за новата дигитална карта

0

„Гугл стрит вју“ повторно тргнува по улиците на Македонија. Камерите на „Гугл“ ќе поминат околу 13.000 километри во целата земја за да создадат нова, ажурирана панорама на градовите, патиштата, природните предели и на културните знаменитости.

Од скопските улици и плоштади, преку старите градски јадра во Охрид и во Битола, до планинските патишта и малите населени места, новите снимки ќе овозможат Македонија повторно да биде „видлива“ во дигиталниот свет со посовремени и попрецизни прикази. Потребата од ново снимање доаѓа поради брзите промени низ кои поминува земјата: изградба на нови населби, промени во сообраќајната инфраструктура, обновени улици, нови објекти и изменет изглед на градските средини. Со ажурираните слики, корисниците на „Гугл мапс“ ќе може полесно да се снаоѓаат, да ги планираат патувањата и виртуелно да ги истражуваат местата што сакаат да ги посетат.

Новото дигитално патување ќе ги опфати најголемите градови: Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Струга, Струмица, но и многу други делови од земјата. „Стрит вју“ ќе понуди нов поглед кон препознатливите симболи на Македонија: скопската тврдина, аквадуктот, Камениот мост, Мостот на уметноста, како и природните богатства, меѓу кои посебно место има Охридското Езеро, дел од светското наследство на УНЕСКО. Освен за туристите што однапред сакаат да ја разгледаат дестинацијата, обновените снимки ќе бидат корисни и за секојдневниот живот – за пронаоѓање локални бизниси, избор на најдобрата маршрута или, едноставно, виртуелно враќање на познати места.

Од „Гугл“ велат дека заштитата на приватноста останува приоритет. Пред објавувањето на снимките, автоматски се замаглуваат лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата, а корисниците имаат можност дополнително да побараат замаглување на одредена слика преку опцијата „Рипорт проблем“.

Со новото снимање, Македонија повторно ќе добие своја дигитална карта во живо: слика на земјата што се менува, расте и се движи напред.

Интересно е што „Стрит вју“ не служи само за навигација: снимките низ годините станаа своевидна дигитална архива на промените низ градовите. Преку нив може да се види како се менувале улиците, објектите и цели населби, што им овозможува на корисниците денес да направат виртуелно патување низ времето.

ИЗДВОЕНИ