четврток, јули 9, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Недомаќинско трошење, договори на три дена и ангажирање еден адвокат за 77...

Недомаќинско трошење, договори на три дена и ангажирање еден адвокат за 77 отсто од услугите

И покрај препораките од претходната ревизија, поголемиот дел од забелешките останале неотстранети. Ревизорите укажуваат на нерамномерна распределба на средствата за активните мерки за вработување, неправилности при јавните набавки, слаб надзор и сомнителни практики при исплатата на паричниот надоместок за невработеност

0

Државниот завод за ревизија утврдил бројни слабости и неправилности во работењето на Агенцијата за вработување на Република Македонија за 2024 година. Според конечниот ревизорски извештај, институцијата не ги отстранила најголемиот дел од забелешките нотирани во претходната ревизија, а дел од проблемите продолжиле и во текот на минатата година.

Од осумте препораки што ги дале ревизорите по контролата за 2023 година, три воопшто не се реализирани, три се само делумно спроведени, додека две сè уште се во тек. Според ревизорите, тоа покажува дека Агенцијата не успева системски да ги надмине утврдените слабости.

Меѓу најзначајните наоди е распределбата на средствата за активните мерки за вработување. Во текот на 2024 година, преку Агенцијата биле исплатени околу 1,44 милијарди денари, односно повеќе од 23 милиони евра. Иако биле зголемени средствата во споредба со претходната година, ревизијата покажува дека тие не биле рамномерно распределени меѓу сите региони.

Кај мерката самовработување, повеќе од 62 проценти од средствата биле реализирани преку центрите за вработување во Скопје, Тетово, Струга, Куманово и во Гостивар. Слична концентрација е забележана и кај мерките за субвенционирање плати и за поддршка на правни субјекти, каде што најголемиот дел од средствата повторно завршиле во неколку града.

Ревизорите оценуваат дека новата методологија за распределба на неискористените средства не дала резултати. Во одредени региони, квотите биле надминати и до четирикратно, додека источниот и централниот дел на државата добиле значително помала финансиска поддршка.

Извештајот открива пропусти и кај ангажирањето адвокатски услуги. Во текот на 2024 година, за адвокати, медијации, судски такси и за вештачења биле исплатени 5,7 милиони денари, при што повеќе од три четвртини од услугите ги реализирал само еден адвокат. Дел од исплатите биле извршени без целосна документација, а за дел од вештачењата не била спроведена законската постапка за јавна набавка.

Ревизијата нотира слабости и кај програмата за напредна ИТ-обука, во која биле вложени речиси 86 милиони денари. Од 735 кандидати, завршниот испит успешно го положиле само 184 лица, што претставува успешност од околу 25 проценти.

Неправилности се утврдени и кај мерката практикантство, каде што се констатирани отстапувања од законските одредби, нецелосна документација, недоволни теренски контроли и нерамномерна распределба на средствата.

Особено внимание ревизорите ѝ посветиле на исплатата на паричниот надоместок за невработеност, за што во 2024 година биле исплатени над 1,3 милијарди денари. При контролата, биле утврдени некомплетна документација, недоволна електронска размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и неправилности при утврдувањето на висината на надоместоците.

Како особено ризична практика, ревизорите ги издвојуваат договорите за работа склучувани на само три дена, како и договорите продолжувани подолго од законски дозволениот рок. Забележани се и случаи во кои повторно биле вработувани работници кај истиот работодавец, веднаш по користењето на правото на паричен надоместок, поради што ревизорите бараат воспоставување посилен систем на контрола.

Дополнително, биле констатирани пропусти во управувањето со имотот, неуредна материјална евиденција, нерегулиран статус на дел од објектите што ги користи Агенцијата и недоволно средства префрлени во посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност.

Во одговор на забелешките што ги доставила Агенцијата по нацрт-извештајот, Државниот завод за ревизија наведува дека најголем дел од нив не биле прифатени, бидејќи не биле поткрепени со дополнителни докази што би ги довеле утврдените наоди во прашање.

 

ИЗДВОЕНИ