Во име на организаторите на Скопскиот маратон, генералниот секретар на Сојузот на спортови на Скопје, Гордана Кузмановска Николовска денеска му врачи благодарница на министерот за спорт, Борко Ристовски, како признание за неговата посветеност, поддршка и заложба за континуирано одржување на оваа традиционална спортска манифестација.
Министерството за спорт е покровител и еден од најголемите поддржувачи на Скопскиот маратон, препознавајќи го неговото значење не само како врвен спортски настан, туку и како значаен промотор на Скопје и Македонија на меѓународната спортска сцена.
Министерот Ристовски изрази благодарност за доделеното признание, нагласувајќи дека поддршката за Скопскиот маратон претставува дел од определбата на Министерството за спорт да ги поддржува спортските манифестации кои придонесуваат за развојот и афирмацијата на спортот, поттикнуваат здрави животни навики и ја промовираат државата.
„Скопскиот маратон е многу повеќе од спортски настан. Тој е симбол на истрајноста, спортскиот дух и заедништвото, но и значаен начин за промоција на Скопје и Македонија. Ова признание го прифаќам како признание за заедничката посветеност и поддршка на сите кои придонесуваат за неговото успешно одржување. Министерството за спорт и во иднина ќе продолжи да дава силна поддршка на овој настан и на сите иницијативи кои го приближуваат спортот до граѓаните и значат промоција на државата“ – истакна министерот Борко Ристовски.
Министерството за спорт останува посветено на поддршката на спортските настани кои имаат долгорочно значење за развојот на спортската култура, масовноста и меѓународната афирмација на македонскиот спорт.












