Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, на седница на Советот за безбедност на ОН изјави дека писмото на Зеленски „не е мировна иницијатива, туку обид на Киев да ги наруши сите преговори за решавање на конфликтот“. Според него, украинското раководство се обидува да ја прикрие, како што изјави, „очајната ситуација на терен“ и сè потешката позиција во војната со дипломатски потези. Тој го оцени писмото како несмасна провокација од страна на Киев.
Овој руски одговор доаѓа во време кога меѓународните кругови сè повеќе зборуваат за можноста за нови мировни преговори. Во последните недели се појавија сигнали дека некои европски земји сакаат поактивна улога во започнувањето преговори меѓу Москва и Киев, додека во исто време Западот е уморен од долготрајната војна и огромните финансиски средства за Украина.
Токму затоа Москва сега го нарекува Киев страна што избегнува компромис и намерно ги зголемува тензиите. Кремљ долго време инсистираше дека украинското раководство не е подготвено за вистински преговори бидејќи, како што тврди, зависи од континуираната западна воена и финансиска поддршка. Од друга страна, Киев ја обвинува Русија дека ја користи приказната за преговорите како тактички маневар за да купи време за воено прегрупирање.
Отворените писма и јавните пораки меѓу лидерите на тој начин сè повеќе стануваат дел од поширока информациска војна што се води паралелно со вооружениот конфликт. И Москва и Киев се обидуваат да ѝ покажат на меѓународната јавност дека другата страна е таа што носи одговорност за продолжувањето на војната.
Особено е значајно што Небензија ја упати оваа порака во Советот за безбедност на ОН. Ова не е случајно. На овој начин, Русија сака да испрати сигнал до глобалниот Југ, но и до државите што не се директно вклучени во западниот блок, дека Москва останува отворена за разговори, додека Киев, според руската нарација, избегнува политичко решение.
Од друга страна, украинската страна се обидува да ја задржи поддршката на западните сојузници инсистирајќи дека на Русија не треба да ѝ се дозволи да го „замрзне“ конфликтот под услови што ѝ одговараат. За Киев, какви било разговори што би подразбирале прифаќање на моменталната состојба на фронтот би претставувале политичка и територијална отстапка што би можела да предизвика големи внатрешни превирања.
Сето ова покажува дека дипломатските позиции на двете страни се уште се многу оддалечени. Додека Москва зборува за реалноста на теренот и потребата од признавање на новите околности, Киев инсистира на зачувување на територијалниот интегритет и продолжување на западната поддршка.
Во таква атмосфера, дури и потези како што е јавното писмо стануваат повод за нова ескалација. Наместо да се приближат кон мировниот процес, реториката на двете страни сè повеќе укажува дека војната влегува во уште подлабока фаза на политички и дипломатски конфликт, во која битката за меѓународна поддршка ќе биде речиси исто толку важна како и онаа на фронтот.












