четврток, август 6, 2026
Дома СВЕТ Не сакаме да бидеме стопени, јагленисани или претворени во пареа, порача Сецуко,...

Не сакаме да бидеме стопени, јагленисани или претворени во пареа, порача Сецуко, борецот за нуклеарно разоружување што го преживеа хоророт на Хирошима

1
epaselect epa13153009 People offer prayers for the victims ahead of the Peace Memorial Ceremony on the 81st anniversary of the atomic bombing of Hiroshima at Peace Memorial Park in Hiroshima, Japan, 06 August 2026. In 1945, the United States dropped two nuclear bombs over the cities of Hiroshima and Nagasaki on 06 and 09 August respectively, killing more than 200,000 people. EPA/JIJI PRESS JAPAN OUT EDITORIAL USE ONLY/

Непоколебливиот борец за нуклеарно разоружување, 92-годишната Сецуко, сè уште патува низ светот, зборува за своето искуство и ги предупредува луѓето за ужасната штета што ја предизвикува нуклеарното оружје. До светот во кој има најмалку 70.000 парчиња нуклеарно оружје, јапонските политичари испратија порака за негово укинување. Но, овие пораки доаѓаат во време кога се подготвува јапонската Влада да ги ревидира клучните документи за национална безбедност до крајот на годинава, поставувајќи прашања за тоа дали ќе останат трите ненуклеарни принципи непроменети

 

Сецуко Терлоу имала 13 години кога првпат беше  употребена нуклеарна бомба против луѓето. Денес, на возраст од 92 години, таа е меѓу малкутемина живи што го преживеаја хоророт на Хирошима. Сеќавајќи се на моментот кога удрила бомбата, за програмата „Аутлук“ на Би-би-си таа вели: „Видов блесок. Немав ни секунда да се прашам што се случува бидејќи веднаш бев во воздух. Летав, а потоа ја загубив свеста“. Во тој момент таа била во просторија во која имало 30 девојки, избрани да дешифрираат за јапонската војска, како добри математичарки. Просторијата се запалила, а преживеале само таа и уште две девојчиња. За луѓето што поминувале покрај неа вели дека личеле на духови затоа што косата им била накострешена.

– Кожата и месото им висеа од коските, нивната спржена кожа се топеше и им недостигаа делови од телото – раскажува таа.

Иако во длабока старост, Сецуко уште се бори против нуклеарното вооружување, нешто што го прави во поголемиот дел од својот живот. Таа е водечка фигура во меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИЦАН). Во 2017 година, ИЦАН ја доби Нобеловата награда за мир, а Сецуко беше повикана да ја прими во Осло, Шведска.

– Сите мора да се бориме против грдата реалност во која живееме. Не сакаме да бидеме стопени, јагленисани или претворени во пареа. Моите очи го видоа тоа – порачува таа.

Хирошима денеска одбележува 81 година од денот кога точно во 8:15 часот изутрината на 6 август 1945 година американскиот бомбардер „Енола Гeј“ ја фрли атомската бомба врз градот. Се проценува дека до крајот на 1945 година, загинале околу 140.000 луѓе во Хирошима од последиците на бомбардирањето. Три дена подоцна беше фрлена атомска бомба врз Нагасаки, при што загинаа 74.000 луѓе. Јапонија капитулираше шест дена подоцна, со што заврши Втората светска војна.

На комеморацијата по повод атомското бомбардирање, денеска Хирошима испрати порака до светските лидери да работат на целосно укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека зголемените меѓународни тензии го зголемуваат ризикот од нова нуклеарна катастрофа. Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, во Декларацијата за мир изјави дека минимизирањето на последиците од нуклеарното оружје и прифаќањето на силата како средство за постигнување политички цели може да доведат до нов циклус на насилство и трагедија како Хирошима или Нагасаки. Јапонската премиерка, Санае Такаичи, рече дека Јапонија им останува посветена на своите долгогодишни принципи за ненуклеарно оружје и ќе продолжи да работи за свет без нуклеарно оружје. Таа додаде дека како единствена земја што претрпела нуклеарен напад во војна, Јапонија има посебна одговорност да ја продолжи борбата за свет без нуклеарно оружје.

– Уништувањето предизвикано од атомското бомбардирање на Хирошима и на Нагасаки и страдањето кое го претрпеа толку многу луѓе и кое не може да се опише – никогаш не смее да се повтори – рече Такаичи, ветувајќи дека ќе вложи максимални напори за да постигне свет без нуклеарно оружје и траен мир.

Но, нејзиното прво обраќање на комеморацијата како премиер доаѓа во време кога се подготвува Владата да ги ревидира клучните документи за национална безбедност до крајот на годинава, поставувајќи прашања за тоа дали ќе останат трите ненуклеарни принципи непроменети.

За разлика од јапонските политичари, Сецуко патува низ светот, зборува за своето искуство и ги предупредува луѓето за ужасната штета предизвикана од нуклеарното оружје. Таа верува дека треба да се вложи многу повеќе напор за светот да стане безбедно место.

А такви предупредувања се повеќе од потребни. Според процените на Здружението на американски научници, светските нуклеарни резерви достигнале повеќе од 70.000 парчиња оружје во 1980-тите. Преговорите за намалување на оружјето почнаа кон крајот на 1980-тите и доведоа до значително намалување на бројот на складирано нуклеарно оружје во целиот свет. Но, тој тренд сега се менува.

ИЗДВОЕНИ