Сеќавањето на 26 јули не е само почит кон жртвите, туку и обврска безбедноста на градбите да ја проценуваме според знаење, прописи и контрола – а не според предрасуди, вели професорот Михаил Гаревски од Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени

Пишува: проф. д-р Михаил ГАРЕВСКИ                                   

Секоја година, на 26 јули, часовникот на старата железничка станица повторно нè враќа на 5 часот и 17 минути. Во тоа летно утро во 1963 година, Скопје беше погодено од земјотрес со магнитуда 6,1. Загинаа 1.070 луѓе, повеќе од 3.000 беа повредени, а околу 200.000 останаа без дом. Приближно 80 проценти од градбите беа урнати или оштетени. Но зад бројките останаа илјадници лични приказни, стравови и слики што преживеаните ги носат цел живот.

Катастрофата го претвори Скопје во град на меѓународната солидарност. Помош пристигна од целиот свет, а обновата стана голема урбанистичка, архитектонска и инженерска лабораторија. Се вели дека војската на САД и војската на тогашната СССР, кои помагаа за отстранување на последиците по земјотресот, првпат се сретнале по Втората светска војна. Земјотресот не го промени само изгледот на градот, тој суштински го промени и начинот на кој во Македонија и тогашна Југославија се размислува за сеизмичката сигурност.

Македонија е сеизмички активна – но не е најактивна во регионот

Врз сеизмичноста на Македонија посредно влијае и западното движење на анадолската плоча, ограничена со северноанадолскиот и источноанадолскиот расед. Ова движење, предизвикано од притисокот на арапската кон евроазиската плоча, се пренесува кон Северното Егејско Море, каде што деформациите се распределуваат преку сложен систем раседи. Заедно со подвлекувањето на Африканската плоча под Егејскиот Регион и движењето на Јадранската микроплоча, овие процеси создаваат напрегања што влијаат врз активните раседи во Македонија. Кога наталоженото напрегање ќе ја надмине отпорноста на карпите, доаѓа до нивно ненадејно поместување и појава на земјотрес.

Македонија се наоѓа во активниот јужен дел на Балканскиот Полуостров и нејзината територија ја пресекуваат три главни сеизмички зони: западномакедонската, вардарската и источномакедонската. Скопската Котлина е дел од Вардарската сеизмичка зона. Историјата нè потсетува дека силни земјотреси имало во пехчевско-кресненското подрачје во 1904 година (M = 7.2), валандовско-дојранското во 1931(M = 6.7), Скопје во 1963 (М = 6.1) и Дебар во 1967 година (6.5).

Во споредба со соседството, Грција и Албанија имаат повисока сеизмичка опасност и заедно со Италија се меѓу најактивните земји во Европа. Повисока локална опасност има и во одделни делови од Бугарија, особено кон Кресна, Софија и Струма, додека во Србија, активноста во целина е пониска, иако постојат локални активни подрачја.

Романските земјотреси од Вранчеа, иако потекнуваат од подалеку, можат да предизвикаат силно и долготрајно нишање на високи објекти во поширокиот регион, вклучувајќи го и Скопје. Значи, Македонија не е најсеизмичка земја на Балканот, но е доволно активна и затоа земјотресната безбедност никогаш не треба да биде третирана како споредна тема.

Што, всушност, се случило утрото на 26 јули?

Постои огромна документација за жртвите, оштетувањата, санацијата и за обновата, но не постои инструментален запис од акцелерограф за силното движење на почвата. Токму затоа, сеќавањата на очевидците имаат посебна вредност.

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени – ИСОГКП, ја разви техниката на граѓанска сеизмологија „Дали се сеќавате?“. Преку „Фејсбук“ беше поставен прашалник со 35 прашања, на кој беа добиени околу 500 одговори од луѓе што го преживеале земјотресот. Голем дел од нив тогаш биле деца, најчесто на возраст меѓу пет и единаесет години. И покрај поминатите децении, нивните искази се извонредно живи: се сеќаваат каде спиеле, што слушнале, како се движеле мебелот и ѕидовите, колку тешко ги отворале деформираните врати и што се случувало непосредно по ударот.

Одговорите укажуваат на уште еден важен факт: голем број сведоци паметат два многу силни удари со временско растојание од приближно четири до седум минути. Меѓутоа, скопската сеизмолошка станица, по главниот удар, привремено не регистрирала, па за овој непосреден потрес не е зачувана сигурно определена магнитуда. Првиот посебно каталогизиран афтершок се случил околу 15 и пол минути по главниот удар, без определена магнитуда, додека потресот регистриран околу 36 минути подоцна имал магнитуда 4,2.

Затоа сведоштвата на граѓаните претставуваат важен макросеизмички запис за дел од земјотресната секвенција што инструментите не успеале целосно да го документираат. Авторот на ова истражување и самиот го памети афтершокот, кој бил придружен со дополнително уривање на веќе оштетените делови од објектите.

Бидејќи нема инструментален запис, ова сознание треба да се третира како вреден резултат од граѓанската сеизмологија, кој ја дополнува, а не ја заменува, класичната сеизмолошка анализа.

Анкетата покажа и дека 61,7 проценти од сведоците во првиот момент не биле свесни дека се случува земјотрес. Дури 60,7 проценти верувале дека катастрофата е поврзана со скопската поплава од 1962 година – верување за кое нема научна основа.

Кои градби се најсигурни?

Одговорот не смее да се сведе само на годината на изградба. Сигурноста зависи од конструктивниот систем, квалитетот на проектот и материјалите, почвата, регуларноста на објектот, контролата при изведбата, одржувањето и од подоцнежните интервенции. Сепак, периодот на изградба е важен затоа што покажува според кои прописи и со какво инженерско знаење била проектирана градбата.

Големи оштетувања на Архитектонскиот и Градежниот факултет по земјотресот од 1963

Градбите изградени пред 1963 година се најразновидна и, во просек, најранлива група. Иако постоеле основни сеизмички одредби и карта на сеизмичко зонирање, немало современ и сеопфатен систем за асеизмичко проектирање. Голем дел од фондот бил изведен како неармирано ѕидање, со недоволно поврзани ѕидови и тавани. Токму ѕиданите и мешаните конструкции претрпеле рушења и најтешки оштетувања во 1963 година. Тоа не значи дека секој стар објект е опасен, но значи дека за неговата сигурност е потребна стручна процена, а не претпоставка.

По земјотресот беше направен крупен пресврт. Во 1964 година беа донесени првите сеопфатни југословенски прописи за градење во сеизмички подрачја. Новите населби и јавни објекти во Скопје се проектираа со јасно земање предвид на хоризонталните земјотресни сили. Поради видливата дисциплина на градење и силната институционална контрола, градбите од доцните шеесетти и седумдесеттите години стекнаа голема доверба кај граѓаните.

Во 1981 година беше донесен значително понапреден правилник, дополнуван во текот на осумдесеттите. Со него се подобрија анализата на конструкциите, правилата за армирање, флексибилноста и третманот на различните конструктивни системи. Затоа, добро проектирана и правилно изведена градба од осумдесеттите може да има многу солидна сеизмичка отпорност.

Во деведесеттите и во периодот до 2014 година продолжија да се применуваат развиени сеизмички прописи, а компјутерските пресметки и инженерското знаење постојано напредуваа. Но, тоа беше и време на транзиција, масовно приватно градење, различен квалитет на изведбата и бројни доградби, надградби или отстранувања на ѕидови без соодветна проверка. Затоа не е стручно цела една деценија однапред да се прогласи ниту за сигурна ниту за несигурна.

Зошто граѓаните најмалку им веруваат на градбите по 2014 година – и зошто е тоа погрешно?

Во нашата анкета, најголем број граѓани одговорија дека најмногу им веруваат на градбите од периодот 1964 – 1980, а најмалку на оние изградени по 2014 година. Првиот одговор е разбирлив како колективен впечаток, но не е општо техничко правило. Вториот е уште попроблематичен, бидејќи ја игнорира најважната законска промена во контролата на конструкциите.

Зграда од полна тула без столбови обележана со 3 жолти црти

Со измените на Законот за градење, од крајот на 2013 година беше воведен членот 4-а. За градбите за кои основниот проект содржи градежно-конструктивен проект се бара позитивно мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита од научен институт специјализиран за заштита на градби од сеизмички влијанија. Тоа е дополнителна, независна стручна проверка покрај проектантот и редовната ревизија.

За сите такви градби, со законски исклучок на градбите за индивидуално домување со развиена бруто-површина до 300 квадратни метри, контролата не завршува со проектот. Се обезбедува мислење и во текот на изградбата и по изведувањето на целиот конструктивен систем. Практично, се проверува дали она што било пресметано и нацртано е навистина изведено на градилиштето. Од своето формирање до денес, ИСОГКП има извршено стручни контроли на околу 6.200 објекти.

Ниту еден закон не може да обезбеди апсолутна гаранција, а една градба не е автоматски безбедна само затоа што е нова. Но, кога современото проектирање е проследено со независна проверка на проектот, стручна суперревизија и контрола во клучните фази на изведбата, веројатноста за сериозни пропусти значително се намалува.

Според обемот и повеќестепеноста на задолжителните проверки, може да се оцени дека од 2014 година во Македонија е воспоставен еден од најригорозните системи за контрола на сеизмичката сигурност на градбите во Европа. Затоа, општата недоверба кон сите градби изградени по 2014 година не е поткрепена со факти. Недовербата на граѓаните кон градбите изградени по 2014 година можеби произлегува од недоволната информираност дека Законот за градење предвидува задолжителни мислења и контроли за обезбедување сеизмичка заштита на објектите.

Сепак, контролите на терен покажуваат и една загрижувачка појава: инвеститорите во текот на изградбата неретко ги менуваат изведувачите, а понекогаш и надзорните инженери. Таквите промени можат да го нарушат континуитетот на стручната контрола и пренесувањето на одговорноста. Надзорниот градежен инженер е клучната алка меѓу проектното конструктивно решение и неговата правилна и квалитетна реализација на терен, поради што неговата стручност, независност и континуирано присуство се од пресудно значење за сигурноста на објектот.

Дали сеќавањето може да стане култура на превенција

Најдобрата почит кон жртвите од 1963 година не е само да положиме цвеќе и да се потсетиме на урнатиот град. Потребно е редовно да се проценуваат старите и значајни објекти, да се спречат нестручни интервенции, да се одржуваат конструкциите, а граѓаните и учениците да знаат како правилно да постапат за време на земјотрес.

Земјотресите не можеме да ги спречиме. Катастрофата, меѓутоа, не ја создава само природата – ја создаваат слабите градби, неодговорните интервенции и неподготвеноста. Скопје ја плати највисоката цена за да ја научи таа лекција. По шеесет и три години, наша должност е да не ја заборавиме.

 

ИЗДВОЕНИ