Посебен статус за професионалните возачи и нивно изземање од шенгенските ограничувања што важат за туристите предлага Стопанската комора како решение за проблемот со македонските транспортери.
Координаторот за меѓународна соработка во Комората, Даниел Матракоски, оцени дека сегашните административни ограничувања создаваат сериозна пречка за транспортот на стока кон Европската Унија.
„Стоката не се движи сама. Ова не е миграциско прашање, туку прашање на опстанок на европските синџири на снабдување“, рече Матракоски.
Од Комората предлагаат професионалните возачи да добијат посебен статус како мобилни економски работници од витален интерес. Според предлогот, тоа би било паралелен механизам со билатералните визи, односно долгорочните визи од типот Д што ги користат одредени земји со членките на ЕУ.
Барањето ќе биде презентирано преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ) на претстојната средба со високи претставници на Европската комисија. Проблемите на превозниците ќе бидат тема и на состанокот на министрите за економија од регионот, кој задутре ќе се одржи во Цетиње.
Претседателот на КИФ, Бранко Азески, ќе биде единствениот претставник на бизнис-заедницата од Западен Балкан кој ќе се обрати на меѓувладината средба.
Од Стопанската комора најавуваат дека повторно ќе побараат отстранување на административните пречки во трговијата, проширување на зелените коридори, меѓусебно признавање на трговската и фитосанитарната документација и забрзано приближување на компаниите од регионот до единствениот европски пазар.
Во Будва, паралелно со состанокот на министрите, ќе се одржи и состанокот на бизнис-платформата ЕУ-Западен Балкан. На него ќе се разговара за конкретните нетарифни бариери, застојот на границите, признавањето на фитосанитарните сертификати и подготвеноста на компаниите за европските регулативи.
Според податоците што ги презентираше Матракоски, трговската размена на Западен Балкан со ЕУ пораснала од 39,4 милијарди евра во 2015 година на над 88 милијарди евра во 2025 година, додека околу 77,5 отсто од извозот на регионот е насочен кон европскиот пазар.
Како приоритети, КИФ ги издвојува поголемото вклучување на домашните фабрики во синџирите на снабдување, поттикнувањето на меѓусебните инвестиции, обуката и вработувањето домашни кадри и воспоставувањето директен оперативен дијалог со Европската комисија за побрзо отстранување на трговските бариери.












