Во една општина може да има инспекциска служба, а во друга воопшто да нема. И токму тука се отвора еден од најголемите проблеми со локалниот инспекциски надзор во земјава. Според анализа на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при УКИМ, општините имаат право да организираат инспекциски служби, но немаат законска обврска да го направат тоа.

За граѓаните значи дека контролата над работите што се случуваат во нивната општина може да зависи од тоа дали локалната власт има доволно пари, луѓе и волја да организира инспекција. А инспекторите се тие кои треба да контролираат голем број работи што директно го засегаат секојдневието – од дивоградби и комунален ред, до загадување, транспорт, образование и други области.

Анализата е направена во рамките на проектот „Локалните инспектори под лупа“ и покажува дека проблемот не е во тоа што целиот систем не функционира, туку дека во законите има празнини и нејасности кои можат да создадат проблеми во практиката.

Еден од најважните наоди е токму тоа што инспекцијата не е задолжителна во секоја општина. Ако една општина нема доволно инспектори или нема организирана служба, граѓаните сепак имаат проблеми кои не исчезнуваат само затоа што нема кој да ги контролира. На пример, ако некој гради без дозвола, ако има проблем со комуналниот ред, ако се прекршуваат правила за заштита на животната средина или ако некој субјект не ги почитува прописите, потребно е да постои институција која ќе излезе на терен, ќе провери и ќе постапи. Но, колку брзо и ефикасно ќе се случи тоа, може да зависи и од капацитетот на самата општина.

Постои можност две или повеќе општини да се здружат и да формираат заедничка инспекциска служба. Така, наместо секоја општина сама да обезбедува инспектори и опрема, тие би можеле да ги поделат трошоците и кадрите. ИСППИ го гледа ова како едно од можните решенија, особено за помалите општини. Сепак, според анализата, ова не треба да биде замена за основен стандард што би важел за сите општини.

Законот предвидува и друга можност. Ако една општина нема инспектор или не си ја врши работата, во одредени случаи, државен инспектор може привремено да ја преземе контролата, најмногу една година. Трошоците за тоа ги плаќа општината. Но, што потоа, ако општината и понатаму нема свој инспектор или функционална служба. Затоа ИСППИ предлага државата со закон да утврди кои инспекциски служби мора да ги има секоја општина. Меѓу нив се наведуваат инспекциите за градежништво, комунални дејности, образование, животна средина, транспорт и заштита и спасување. За општините кои немаат доволно пари или кадар, се предлага да има и државна поддршка.

Проблемот не е само во тоа дали има инспектори туку и во тоа какви услови треба да исполнуваат за да ја работат оваа професија. Со новиот Закон за инспекциски надзор од 2025 година е укината лиценцата како услов за работа на инспектор. Сега е потребно да се положи испит и да се добие потврда. ИСППИ смета дека треба повторно да се размисли за лиценцирањето бидејќи не е исто да се врши едноставна контрола и да се носат одлуки во сложена област каде што последиците можат да бидат сериозни.

Дали е доволно еден инспектор да знае како се спроведува инспекциска постапка или треба добро да ја познава и областа што ја контролира? На пример, инспектор кој контролира сложени прашања поврзани со градежништвото, животната средина или друга стручна област треба да има и соодветно знаење за таа работа. ИСППИ предлага токму ова прашање повторно да се разгледа. Дополнителна забуна создава и тоа што статусот на инспекторите е уреден со три различни закони – за административни службеници, за работни односи и за инспекциски надзор. Според ИСППИ, тоа може да создава нејасности околу нивните права, обврски, напредувањето во кариерата и условите за работа. Едно од предложените решенија е да се донесе посебен закон со кој јасно би се уредиле сите овие прашања.

Новина е и формирањето Колегиум на директори на државни инспекторати. Идејата е инспекциските служби подобро да соработуваат и да разменуваат информации. Но, според анализата, сè уште не е доволно јасно како во оваа координација ќе бидат вклучени локалните инспектори. И тука проблемот повторно се сведува на нешто многу практично. Ако две различни инспекции треба да контролираат ист случај, мора да знаат кој што проверува, кој носи одлука и кој е одговорен за понатамошното постапување. Затоа ИСППИ предлага подобра размена на информации, заеднички контроли и заеднички бази на податоци.

Анализата предлага и сите инспекции да бидат поврзани преку еден дигитален систем. Во него би се внесувало кога и каде се вршат инспекции, што е утврдено на терен и какви мерки се преземени. Така полесно би се откривало каде инспекторите се преклопуваат со контролите, но и каде со месеци или години можеби нема доволно надзор. Особено интересен е примерот со инспекциите за животна средина. Таму веќе постојат правила со кои подетално се следи работата на локалните инспектори – преку извештаи, контроли, рокови и мерки. Според ИСППИ, дел од овој модел може да се примени и во други области.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ