Светскиот тениски рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер, пристигна на годинашниот Австралија опен како актуелен шампион, но и како некој што има допинг-скандал зад себе.
Неговиот случај сè уште не е завршен, бидејќи Судот за спортска арбитража во Лозана (CAS) ќе ја донесе одлуката по јануари, кога може да биде суспендиран.
– Знам колку што знаете и вие. Има многу што не знаеме во моментов. Да, размислувам за тоа, би излажал ако кажам дека сум заборавил на тоа. Се обидувам да се подготвувам за грен-слемот, па ќе видиме што ќе се случи – им изјави Синер на новинарите пред почетокот на турнирот.
Следното прашање беше како ја блокира целата „врева“ што доаѓа отстрана, а е поврзана со случајот со допингот, како твитовите на Ник Кирјос и слично.
– Мислам дека не треба да одговорам на тоа, искрено. Како да го блокирам? Не може да го оставивте тој дел настрана и повеќе да не размислувате за тоа. Во мојата глава, точно знам што се случи и така го блокирам, нели? Не направив ништо погрешно, затоа сè уште сум тука. Затоа играм. Не сакам да одговорам на она што го кажува Ник или некои други играчи. Најважно ми е да имам луѓе околу мене што точно знаат што се случи – рече Синер.
Синер ја започнува одбраната на титулата во АО против Чилеанецот Николас Џари.