Пензискиот систем во Македонија се соочува со сериозни демографски и финансиски предизвици, но граѓаните и синдикатите бараат евентуалните реформи да бидат темелно анализирани и да не се спроведуваат на товар на работниците. Од коментарите и реакциите на социјалните мрежи може да се заклучи дека мнозинството не е против правото на избор, но очекува секое идно решение да ги земе предвид тежината на професијата, здравствената состојба, висината на пензиите и можностите за вработување на младите.
Синдикатот предупредува дека решението за стабилен пензиски систем не е во продолжување на работниот век, туку во повеќе вработување, повисоки плати и можност за предвремено пензионирање. Потпретседателот на ССМ за приватниот сектор, Иван Пешевски, оценува дека секоја реформа мора да ги земе предвид условите во кои работат луѓето, особено во трудоинтензивните и во ризичните професии
Најавите дека има размислувања во Владата за можност граѓаните доброволно да останат во работен однос до 73-годишна возраст, отворија широка јавна дебата. Иако министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, уверува дека не станува збор за задолжително зголемување на старосната граница за пензионирање, туку за право на избор, реакциите во јавноста покажуваат дека голем дел од граѓаните се скептични и стравуваат дека ваквата можност во иднина би можела да стане законска обврска.
Според министерката, актуелната старосна граница останува непроменета – 62 години за жените и 64 години за мажите, а евентуалните измени ќе зависат од анализите што ги подготвуваат ММФ и Светската банка. Владата, како што се посочува, разгледува флексибилен модел што би им овозможил на оние што сакаат и може да работат, да го прават тоа и по исполнувањето на условите за пензија.
На социјалните мрежи, граѓаните ги споделуваат своите размислувања за оваа можност, која би ги засегнала идните пензионери. Најчесто доминираат прашањата дали ќе биде еднаков ваквиот модел за сите професии или дали државата прво треба да обезбеди повисоки пензии и подобри услови за живот на пензионерите.
Граѓаните поделени: Изборот е добар, но не сите може да работат до 73 години
Коментарите на социјалните мрежи покажуваат дека граѓаните генерално го поддржуваат правото на личен избор, но предупредуваат дека реалноста на физички тешките професии е сосема поинаква од онаа во администрацијата.
– Ај да каже некој паметен како може да се пензионира еден партизан полицаец на 50 години, а некој градежен работник да оди на работа до 70 – прашува Тоше Грнчаровски.
Катерина Иванова додава: „Да, може и до 80 години, ама и вие од Владата со нас, кои работиме во конфекциите, оранжериите и на лозјата“.
Весна Трајанов со доза на иронија коментира: „Ха, ха… и пензионерите ќе почнат да бегаат од државата“.
Тони Ангелов потсетува дека и досегашната можност за продолжување на работниот век не ја користеле работниците, туку, главно, функционерите.
– Практиката покажа дека пензионирањето го одложуваат речиси исклучиво оние на раководни функции, а многу мал процент работници – вели тој.
Сличен став има и Горица Јосифоска: „Ако го примените тоа, се знае кој ќе го продолжи работниот век – државните службеници и администрацијата“.
Јагода Цветковска предлага сосема поинаков модел: „55 години за жените и 60 за мажите, а младите да се вработат и да останат да живеат во државата“.
Наташа Серафимоска смета дека одлуката зависи од здравствената состојба.
– Би сакала да можам да работам до 73 години, да сум здрава и жива, ама не е возможно тоа, барем за мене – вели таа.
Влатко Ристевски предупредува дека не смее да се ставаат сите професии во ист кош.
– Да се разгледа модел за работниците со тешка физичка работа, во рудниците и оние на ризични работни места да се пензионираат со 55 години. Кој ќе работи таму до 73 години? – прашува тој.
Ремзат Ислами, пак, го отвора прашањето за младите: – Внукот нека си го чека дедото кога ќе замине во пензија на 73 години, па тогаш да се вработи.
Во дискусијата се вклучи и Јосип Јосимовски, кој ја доведува во прашање логиката на пензискиот систем.
– Тогаш зошто да плаќаат луѓето пензиско осигурување ако не може да дочекаат пензија? Нема пензија – нема уплата. Или треба да работат до гроб – констатира Јосимовски.
Пешевски: Работникот заслужува пензија, а не нов товар
Реакциите на граѓаните во голема мера се совпаѓаат со ставовите на потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски. Тој оценува за весникот ВЕЧЕР дека евентуалното зголемување на прагот за пензионирање би значело дополнително одложување на моментот кога ќе може да се одмори работникот по четири децении работа.
– Македонскиот работник сè потешко ќе го дочекува периодот кога треба да одмори по повеќе од 40 години работа и барем малку да ужива по напорниот работен век – предупредува Пешевски.
Во Сојузот на синдикатите на Македонија уште одамна алармираа дека пензискиот фонд ќе се соочи со тежок проблем доколку не се подобри соодносот меѓу работниците и пензионерите.
– Неодржливо е 1,6 работници наспроти еден пензионер. За таа цел и велиме дека поддржуваме мерки за вработување на повеќе млади лица, а предвремено пензионирање на сите што исполнуваат барем еден услов – вели Пешевски.

Тој потсетува дека е докажано оти македонскиот работник и по заминување во пензија, продолжува да работи на црно само за денар повеќе, бидејќи не му стига пензијата за преживување. Пешевски смета дека е несериозно и нефер да се однесуваат кон работниците на начин со кој ги убедуваат дека ваквите законски „можности“ ќе бидат подобри за нив.
Според него, вистинскиот проблем не е возраста за пензионирање, туку недоволниот број вработени и ниските плати.
– Само со повисоки плати и со зголемен број вработувања, особено во приватен сектор, може да се направи одржливо решение за идните пензионери, но никако со зголемување на прагот за нив. Вака само ќе се почувствуваат искористено токму од државата, за својот животен придонес – потенцира синдикалецот.
Пешевски смета дека државата треба да овозможи предвремено пензионирање за лицата што веќе исполниле барем еден услов: стаж или старост.
– Пораката и кон младите ќе биде да ја загубат вербата буквално и во овој фонд, за што досега одвојувале средства од секоја плата, и тоа најмногу од сè, со 18,8 %. Затоа се потребни овозможување и предвремена старосна пензија доколку исполнил работникот барем еден услов: стаж или старост – вели Пешевски.
Тој особено алармира за состојбата во трудоинтензивните дејности, каде што градежниците, текстилните работници, рударите и земјоделците и денес тешко ги исполнуваат условите за пензија.
– Имајќи предвид во какви услови работат градежниците, текстилните работници, рударите, земјоделците и сите од трудоинтензивните дејности, под опасност е нивното пензионирање и со моменталните услови и прагови. Затоа кога нудиме можности, треба да ги видиме и нашите должности. Доколку сме должни навистина толку да работиме, треба да имаме и можност за заминување во пензија по повеќе услови, а не минимум 15 години стаж и 62 или 64 години старост – нагласува Пешевски и потсетува и дека синдикатите повеќе од една деценија бараат бенефициран стаж за најризичните работни места, но без успех.
– Во ноември 2012 година, сите три социјални партнери се согласија начелно да добијат бенефициран стаж одредени места од секторот градежништво и од индустријата за градежни материјали, Владата беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од четири години непрекината работа и безброј состаноци помеѓу претставниците на Владата, Синдикатот и работодавците, немаше политичка волја да се преточи тоа во закон или со промена на Правилникот за утврдување работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Исто така, во програмата на СДСМ во 2016 година, ова прашање стоеше како приоритетно, а истото, и по седум години владеење на таа влада, во тоа време не се реализираше, напротив се укинаа дополнителни работни места што дотогаш имаа бенефициран стаж. И сега немаме бенефициран стаж за работните места што се најопасни за живот и за работните места на кои работниците буквално гинат секој ден – истакнува Пешевски.
Тој потсетува дека препораките на ММФ не се од вчера, туку тоа е проблем што бил увиден и требало да се реши пред многу години, кога имале можност досегашните влади и министри да го поправат тоа, но, како што вели Пешевски, „не повторно на грбот на работникот, туку со ‘сносена’ лична одговорност“.
Додека јавноста интензивно дебатира, сè уште нема официјална реакција од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, ниту од поголемите пензионерски организации, кои во минатото организираа протести. Засега дебатата се води, главно, меѓу Владата, синдикатите, економистите и граѓаните.
(С. Бл.)












