Културните настани во текот на летото не се само форма на забава туку и важен фактор за зачувување на културата, развојот на туризмот и зближување на луѓето. Манифестацијата „Гевгелиско културно лето“ се одржува повеќе од две децении. Почнала да се одржува на почетокот на 2000-тите години, и до денес, во месеците јули и август, се одржуваат голем број концерти, театарски претстави, изложби, книжевни промоции, филмски проекции, детски и други културно-уметнички настани. Така ќе биде и годинава. Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, а во соработка со институции и соработници од областа на културата, гевгеличани, како и туристите што ќе го посетат градот, ќе имаат можност да бидат сведоци на разновидни културни настани.

Токму во духот на културата и традицијата започна годинашното „Гевгелиско културно лето“. Отворањето беше одбележано со интересен интерактивен етнонастан „Катче на 20. век“, кој поттикнува интеракција со публиката, особено со децата, но тука се и туристите кои транзитираат во нашата Општина.

– Во катчето, присутните можеа да искусат месење леб на софра, правење кафе од леблебија (толчење во толчник), сликање со автентична традиционална носија, свирење на тапан, носење стомни на глава, како и плетење бел вез. Со ваквиот тип настани се промовира традиционалното културно наследство на нашите предци, како и негово чување и пренесување на идните генерации. Исто така, се поттикнува интересот за фолклорот и за традицијата на Македонија, изјави за весникот ВЕЧЕР м-р етнокореолог Силвестер Проле, дел од Етнокореолошкиот оддел при Домот на културата во Гевгелија. Со овој проект ќе се стави и крај на настаните за годинашното издание на културно лето на 5 август.

Директорката на Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија, Емилија Старделова, за програмата изјави: – Гевгеличани, како и туристите, ќе имаат можност во месеците јули и август да присуствуваат на некој од културните настани кои ќе се одржат во рамките на „Гевгелиско културно лето 2026“. Во рамките на програмата беше отворена изложбата на учесниците од Школата за керамика, која втора година по ред ја води вајарот керамичар, Гордана Петрова, и каде што младите гевгеличани имаа можност да се запознаат со глината, како и да создаваат сопствени керамички креации. На платото пред Народниот театар ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ со познатиот македонски актер Игор Ангелов, следува детската претстава „Приказните на Далматинко, концертот на вокалната група „Трио Џентлмен“ со својот поп и класичен репертоар, како и филмски проекции на отворено во излетничкото место „Динќут“.
Таа додаде дека посебен белег на годинашното гевгелиско културно лето ќе даде Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, кој годинава првпат се одржува во три града, Дојран, Струмица и Гевгелија, а кој ќе донесе исклучително филмско доживување. Иранската кинематографија е во фокусот на фестивалот, а публиката ќе има ретка можност да проследи пет ирански филма, кои ја илустрираат огромноста, ширината и амбицијата на современото иранско кино.

На крајот, завршувам со една порака до читателите на весникот ВЕЧЕР. Дојдете во Гевгелија, вкусете го убавото слатко од смокви, бидете дел од летните културни вечери и заедно со гевгеличани уживајте во уметноста под отворено небо. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ