Голем скандал со европски земјоделски субвенции ја потресе Грција: истражителите велат дека со години биле пријавувани непостоечки пасишта, фиктивен добиток и лажни закупувачи на земјиште, додека дел од парите завршиле кај луѓе кои немале право на субвенции. Европската унија веќе ја казни Грција со 392,2 милиони евра за пропусти во надзорот, а истрагата дури стигнала и до политичките структури.

Приказната започнала со крави, овци и пасишта што постоеле само на хартија. Но, колку повеќе европските обвинители го истражуваат случајот, толку појасно станува дека скандалот со земјоделските субвенции во Грција не е само приказна за поединци кои се обидувале да го измамат системот, пишува бриселски „Политико“.

Истрагата го покрена прашањето како можело да им се дозволи на европските пари да течат низ систем кој, според наводите на истражителите, можеле да го заобиколат одредени функционери и политички поврзани лица.

Во срцето на скандалот е ОПЕКЕПЕ (OPEKEPE), грчката агенција одговорна за исплата на земјоделски субвенции од фондовите на Европската Унија. Механизмот на измамата, според досегашните истраги, бил релативно едноставен. Луѓето изјавиле дека поседуваат или изнајмуваат земјиште наменето за пасење, иако немаат соодветна сопственост или закуп. Некои дури пријавиле поголем број животни отколку што всушност имале.

На овој начин, тие можеле да се квалификуваат за европски субвенции.

Истражителите посебно се концентрирале на Крит, каде што пријавениот број на животни во некои случаи бил толку висок што беше речиси неверојатен.

Поранешниот раководител на ОПЕКЕПЕ, Евангелос Симандракос, сведочеше дека бројот на овци и кози пријавени на Крит бил многу пати поголем од она што всушност било реално. Според неговото сведочење, на островот биле пријавени дури 7,5 милиони овци и кози, додека целиот регион на Тесалија имал околу 1,5 милиони.

Уште побизарни детали се појавија во текот на претходните истраги. Во претходен случај, Канцеларијата на европскиот јавен обвинител истражуваше земјоделци кои пријавиле повеќе добиток отколку што всушност поседуваат. Во некои случаи, луѓето тврделе дека поседуваат добиток, а всушност не поседуваат. Во 2023 година, суд во Атина осуди еден од обвинетите, додека другите беа ослободени откако беа вратени парите што нелегално ги добиле.

Но, кравите се само дел од многу поголема приказна. Канцеларијата на европскиот јавен обвинител во мај 2025 година објави дека помеѓу 2019 и 2022 година, голем број луѓе се обиделе да се претстават како млади или нови земјоделци за да добијат средства од националните резерви на Заедничката земјоделска политика на ЕУ.

Проблемот беше што пасиштата што ги бараа како основа за субвенции не беа во приватна сопственост. Во некои случаи, земјиштето беше јавно земјиште, додека локациите што ги бараа беа далеку од местото каде што всушност живееја подносителите на барањето. После тоа, се појавија лажни изјави за добиток со цел да се задржи правото на субвенции. Сомневањата беа дополнително поттикнати од тврдењата дека некои корисници однапред добиле информации за контролите.

Таквата информација им овозможила животните привремено да бидат донесени на одредена локација и создаде впечаток дека фармата е активна. Грчките медиуми објавија уште во 2024 година за случаи во кои, според истражителите, земјоделците можеле да позајмуваат животни од соседите за да докажат за време на инспекциите дека тие го поседуваат добитокот наведен во барањата за субвенции.

А, потоа истрагата доби политичка димензија.

Во април оваа година, Европското јавно обвинителство побара укинување на имунитетот на 11 членови на грчкиот парламент за да може да ја продолжи истрагата, пишува „Политико“. Во случајот се споменуваат и поранешен министер и заменик-министер за земјоделство.

До јули, случајот дополнително ескалираше. Европското јавно обвинителство во тоа време објави дека поднело обвиненија против 22 лица, вклучувајќи четворица сегашни членови на парламентот, поранешни високи функционери на ОПЕКЕПЕ, политички соработници и корисници на субвенции.  Истражителите велат дека забележале шеми како што се незаконско мешање во административните процедури и контроли, последователни промени на податоците по извршените проверки, мешање во теренските инспекции, прикривање на наодите и издавање лажни потврди.

Сепак, важно е да се нагласи дека обвинението не е исто што и пресудата. Сите осомничени се сметаат за невини сè додека не се докаже нивната вина на суд. Во исто време, Канцеларијата на европскиот јавен обвинител го отфрли случајот против седум актуелни европратеници бидејќи не пронајде доволно докази за гонење.

Сериозноста на проблемот се покажува и со фактот дека ова не е единствениот случај. Во јули, 57 лица беа осудени во друг случај поврзан со измама со европски земјоделски субвенции. Според наодите на судот, помеѓу 2019 и 2022 година, тие лажно тврделе дека ги исполнуваат условите за добивање средства од националниот резерват. На овој начин, тие нелегално добиле речиси 1,74 милиони евра европски субвенции. Им беа изречени условни затворски казни од една до три години, а некои беа казнети парично.

Наодите за самиот систем за контрола се особено загрижувачки. Ревизијата на грчкиот државен суд на ревизори откри сериозни слабости во работата на поранешниот ОПЕКЕПЕ, вклучувајќи проблеми со информациските системи, пресметката на субвенциите и проверките за тоа кој всушност има право на парите.

Според наодите од ревизијата, околу 52 милиони евра биле исплатени неправилно, додека вкупните контролирани плаќања во рамките на еден фонд достигнале околу 3,4 милијарди евра. Дел од овие средства треба да се вратат.

За Грција, ова повеќе не е проблем само за земјоделската администрација.

Аферата стана политички проблем за владата на премиерот Киријакос Мицотакис. Опозицијата тврди дека случајот покажува како политичките врски дозволиле привилегиран третман на поединци, додека владата инсистира дека судството мора да си ја врши работата и дека одговорноста се утврдува преку институциите.

Сепак, Европската Унија има уште една причина да биде загрижена. Парите за кои станува збор не се само грчки пари. Тоа се средства од Заедничката земјоделска политика, односно европскиот буџет кој треба да стигне до вистинските земјоделци.

Кога парите наменети за земјоделците завршуваат кај луѓе кои немале право на нив, не се само европските даночни обврзници тие кои ги трпат последиците. Истао така страдаат и вистинските производители кои се потпираат на субвенции за да го одржат производството.

Затоа Европскиот парламент веќе посвети посебно внимание на случајот ОПЕКЕПЕ. Нејзината делегација за буџетска контрола ја посети Атина во мај за да го испита начинот на кој се контролираат средствата од европските земјоделски фондови во Грција. Делегацијата нагласи дека нејзина задача не е да ја утврди вината на поединците, туку да провери дали европските финансиски интереси се доволно заштитени и дали контролните механизми се функционални.

Затоа вистинската приказна зад „фантомските крави“ е многу поголема од неколку непостоечки животни на хартија. Таа говори за систем во кој, според истражителите, било можно да се декларираат непостоечки или преценети ресурси, да се заобиколат контролите и да се примаат пари од европските фондови со години, а колку е подлабока истрагата, толку е помала веројатноста дека случајот ќе заврши со неколку земјоделци од Крит.

Во јули, политичари, поранешни шефови на државни агенции и луѓе кои го користеле системот веќе беа на списокот на обвинети. Во исто време, продолжуваат новите истраги.

За Брисел, како што анализира „Политико“ прашањето е едноставно: како е можно системот што треба да заштити милијарди евра европски пари да не го препознал порано она што истражителите го откриј сега? А за Грција, прашањето е уште понепријатно: дали проблемот беше со неколку поединци кои ја измамиле државата или со системот што им овозможувал да го прават тоа со години?

ИЗДВОЕНИ