По светската премиера на Сараево филм фестивал, документарниот филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски вечерва беше прикажан и пред македонската публика, на премиера во Куршумли ан во рамките на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Филмот, привлече големо внимание и бројна публика, која со посебен интерес и силни емоции ја проследи проекцијата.

Преку реални приказни и непосредни човечки сведоштва за кочанската трагедија, Манчевски отвора прашања за тоа што значи да се биде добар човек во денешното време.
Публиката имаше можност да ги слушне гласовите на луѓето чии животи засекогаш се променија по пожарот во дискотеката „Пулс“ – преживеани, членови на семејствата на загинатите и луѓе кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат животи.
Целиот приход од продадените билети, преку Support Kocani ќе биде дониран за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани.

Пред почетокот на проекциите, на платното беше објавен QR код преку кој секој што сака можеше дополнително да донира.
„Добри луѓе” е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе. Манчевски го сними со свои средства, во знак на почит кон жртвите и преживеаните и на
публиката ѝ ги носи непосредните сведоштва на тивките херои, кои се обидувале да спасуваат животи, но и на преживеаните.

Наместо реконструкција на настаните или обид трагедијата да се објасни од дистанца, Манчевски го насочува филмот кон сведоштвата и личните искуства на луѓето кои биле таму.
Филмот остава простор на оние што ја носат загубата, сеќавањата и последиците.

„Добри луѓе“ уште еднаш го потврдува препознатливиот авторски пристап на Манчевски, кој преку едноставни човечки приказни отвора пошироки и универзални теми.
Оние кои ќе сакаат да го видат филмот, од 26. август ќе се прикажува во Синеплекс.













