Растот на платите и трошоците на живот ја формираат основата за септемвриското усогласување на пензиите. Според досегашните податоци, пресметката покажува зголемување од околу 3 проценти. Тоа би значело од 600 денари повеќе за пензија од 20.000 денари, до 1.500 денари за пензија од 50.000 денари. По периодот на линеарни покачувања, повторно се враќа процентуалниот модел, па повисоките пензии ќе добијат и поголемо зголемување во денари

 

Септемвриското усогласување на пензиите повторно ќе биде процентуално, а според досега објавените податоци од Државниот завод за статистика, првичната пресметка покажува пораст од околу 3 проценти. Тоа значи дека по периодот на линеарни покачувања, од септември 2026 година, повторно ќе важи правилото според кое повисоката пензија носи и повисоко зголемување изразено во денари.

Враќањето на процентуалното усогласување е предвидено со членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Согласно со методологијата, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 март и на 1 септември, а во пресметката подеднакво учествуваат двата клучни економски показатели – порастот на просечно исплатената плата и порастот на трошоците на живот. Владината Програма за економски реформи за периодот 2026 – 2028 година експлицитно предвидува редовната индексација повторно да се применува од 1 септември 2026 година.

Последниот потребен податок за платите е објавен деновиве. Просечната нето-плата во јуни изнесувала 48.381 денар и била за 6,4 проценти повисока во однос на јуни минатата година. Со објавувањето на јунската плата практично е затворено првото полугодие од 2026 година, кое е еден од периодите што се споредуваат при септемвриското усогласување.

Кога ќе се земат месечните податоци за првите шест месеци од годинава, просечната нето-плата во периодот јануари – јуни 2026 година излегува околу 47.986 денари. Во второто полугодие од 2025 година, просекот бил околу 45.808 денари. Разликата е пораст од приближно 4,75 проценти.

Другиот дел од формулата го дава движењето на трошоците на живот. Просечниот индекс за првите шест месеци од 2026 година е околу 1,17 проценти повисок од просечниот индекс во второто полугодие од 2025 година. Во меѓувреме, ценовните движења не биле рамномерни: во јуни трошоците на животот се намалиле за 0,5 проценти во однос на мај, додека годишната инфлација била 3,4 проценти. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат и дека во јули инфлацијата била 0,1 процент во однос на претходниот месец, но јулскиот податок не влегува во пресметката за септемвриското усогласување, бидејќи се споредуваат полугодијата јануари – јуни и јули – декември од претходната година.

Токму тука доаѓа главната пресметка. Ако порастот на платите од околу 4,75 проценти учествува со 50 проценти, во конечниот процент влегуваат околу 2,38 процентни поени. Зголемувањето на трошоците на живот од околу 1,17 проценти со својот половичен удел додава уште околу 0,58 процентни поени. Збирот е приближно 2,96 отсто.

Оттука, најреалното очекување во моментов е дека септемвриското усогласување ќе биде околу 3 проценти, иако конечниот процент треба формално да го утврдат и да го објават надлежните институции. Можно е да има мала разлика поради официјалната пресметка, начинот на користење на индексите и заокружувањето.

За пензионерите, ова е значајна промена во однос на претходните линеарни покачувања. Ако процентот остане околу 2,96 отсто, пензија од 20.000 денари би пораснала за околу 592 денари, па би изнесувала приближно 20.592 денари. Кај пензија од 25.000 денари зголемувањето би било околу 740 денари, односно новиот износ би бил околу 25.740 денари. Пензија од 30.000 денари би пораснала за околу 888 денари, на приближно 30.888 денари. Кај повисоките пензии разликата во денари станува уште повидлива. Пензија од 40.000 денари би добила околу 1.184 денари повеќе, а пензија од 50.000 денари околу 1.480 денари.

Доколку конечната стапка биде заокружена на 3 проценти, тогаш зголемувањата би биле 600 денари за пензија од 20.000 денари, 750 денари за пензија од 25.000 денари, 900 денари за 30.000 денари, 1.200 денари за 40.000 денари и 1.500 денари за пензија од 50.000 денари.

Според последните податоци на Фондот за ПИОМ за јуни, во земјава имало 350.671 корисник на пензија, а просечната пензија изнесувала 28.103 денари. Ако на оваа просечна пензија се примени усогласување од 2,96 проценти, просечниот пензионер би добил околу 832 денари повеќе, односно просечната пензија би се зголемила на околу 28.935 денари.

Но, просечната пензија не ја покажува целата слика. Најголемиот дел од пензионерите се во пониските пензиски категории. Околу 44 проценти од корисниците имаат пензија до 23.945 денари, додека нешто над 68 проценти имаат пензија до 30.000 денари. Тоа значи дека повеќе од две третини од пензионерите ќе имаат номинално зголемување помало од 900 денари доколку конечниот процент се движи околу 3 отсто.

Токму враќањето на процентуалниот модел ја менува распределбата на ефектот од усогласувањето. Кај линеарното покачување сите добиваа ист износ, без оглед дали пензијата била 20.000, 30.000 или 50.000 денари. Сега зголемувањето се пресметува врз постојниот износ на пензијата, па секој процент носи повеќе денари за оние што веќе имаат повисока пензија. Методологијата повторно ја поврзува динамиката на пензиите со платите и трошоците на живот, а истовремено ги задржува разликите меѓу пензионерите што произлегуваат од работниот стаж, претходните заработки и уплатените придонеси.

Пресметката од околу 3 отсто е особено интересна затоа што покажува дека платите во моментов имаат многу поголема тежина од цените во формирањето на септемвриското зголемување. Зголемувањето на просечната плата од околу 4,75 проценти сам по себе придонесува со околу 2,38 процентни поени, додека порастот на трошоците на живот од околу 1,17 отсто носи околу 0,58 процентни поени. Така, речиси четири петтини од очекуваното усогласување доаѓаат од движењето на платите, а нешто повеќе од една петтина од порастот на цените.

(С. Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ