вторник, ноември 17, 2026
Дома СВЕТ Најмасовниот напад од почетокот на војната: Дел од Кримскиот мост уништен од...

Најмасовниот напад од почетокот на војната: Дел од Кримскиот мост уништен од крстосувачки ракети и дронови/ВИДЕО

0
EPA/STRINGER

Кримскиот мост, кој го поврзува Крим со руското копно, претрпе сериозни оштетувања во најголемиот украински напад со беспилотни летала и крстосувачки ракети досега, при што еден цел лак на мостот и дел од коловозот се урнаа во морето.

Втора ноќ по ред, Украина изврши напад врз Русија со најголем број беспилотни летала од почетокот на војната. Во комбиниран напад, во кој беа употребени беспилотни летала и крстосувачки ракети, беше погоден и оштетен Кримскиот мост, кој го поврзува Крим со руското копно.

На социјалните мрежи се појавија снимки од самиот напад и од настанатите штети, а на едно видео се гледа како цел лак на мостот и дел од коловозот паѓаат во водите на Керченскиот теснец.

Руското Министерство за одбрана утрово соопшти дека системите за противвоздушна одбрана во текот на ноќта собориле 1.441 украинско беспилотно летало над 22 руски региони, додека градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, претходно изјави дека околу 800 од овие летала биле насочени кон руската престолнина.

Овој напад доаѓа само 24 часа откако Москва објави дека 1.336 украински беспилотни летала биле пресретнати низ земјата во текот на ноќта меѓу неделата и понеделникот – а следи по нападите на руските сили врз два моста на реката Днепар во Киев. Претставници во украинската престолнина утрово потврдија дека во синоќешните напади бил оштетен и градскиот метро систем.

Локалните медиуми претходно ги опишаа експлозиите во украинската престолнина како едни од најсилните слушнати во последните месеци, додека градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека рускиот напад предизвикал штета на клучни инфраструктурни системи.

Воената управа на градот Киев прогласи „црвено“ ниво на тревога и ги повика граѓаните веднаш да се упатат кон најблиските засолништа. Истовремено, експлозии беа пријавени и во други градови низ Украина, вклучувајќи ги Харков, Запорожје, Днипро, Черкаси, Смила и Павлоград.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека Кримскиот мост ќе биде обновен по нападот од страна на украинските вооружени сили, додавајќи дека нема сомнеж оти тој ќе биде „уште подобар од претходно“, пренесува агенцијата ТАСС, повикувајќи се на весникот „Известија“.

„Ќе биде претставен конкретен план за обнова. Заменик-премиерот Марат Хуснулин веќе го информираше претседателот Владимир Путин за ситуацијата. Ќе се утврдат приоритетите и временската рамка за работите. Нема сомнеж дека мостот ќе биде обновен и дека ќе биде уште подобар отколку што беше претходно“, рече Песков.

Тој, исто така, сугерираше дека она што го нарече „терористички напад“ врз Кримскиот мост би можело да биде поврзано со претстојната трилатерална средба меѓу САД, Русија и Кина, пренесува „Скај њуз“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, го коментираше нападот, изразувајќи благодарност до Службата за безбедност на Украина (СБУ), единиците на одбранбените сили, министерот за одбрана, главнокомандувачкиот на вооружените сили, Генералштабот и домашните производители на оружје за, како што го нарече, „операција без преседан како одговор на руските напади врз украинската инфраструктура“.

ИЗДВОЕНИ