Секој жител во Македонија, лани, во просек создал по 417 килограми отпад, а и покрај намалувањето на вкупните количини, најголемиот дел и натаму завршува на депониите. Само мал дел од пластиката, хартијата и од металот се селектираат, додека 553 илјади тони остануваат мешан комунален отпад. Стручната јавност предупредува дека Македонија доцни со изградбата на регионалните центри и со воведувањето на европскиот модел на управување со ресурси

Иако во текот на минатата година во Македонија биле создадени помалку количини комунален отпад отколку во 2024 година, најновите статистички податоци покажуваат дека најголемиот дел од него и натаму завршува на депониите. Според Државниот завод за статистика, во земјава биле создадени 755,7 илјади тони комунален отпад, односно во просек по 417 килограми на жител. Тоа е за околу пет проценти помалку во однос на претходната година, но речиси 640 илјади тони од отпадот биле депонирани.
Во исто време, комуналните претпријатија собрале повеќе отпад отколку една година претходно, што, според статистиката, се должи на проширувањето на организираниот систем за собирање и на вклучувањето поголем број населени места. Сепак, податоците покажуваат дека подобреното собирање не значи и поефикасно управување со отпадот.
Анализата на составот на отпадот открива дека селекцијата останува една од најслабите алки во системот. Од вкупната количина, околу 553 илјади тони се мешан комунален отпад, додека кај селектираниот отпад најголем удел имаат органскиот отпад со околу 35 илјади тони, пластиката со 15,5 илјади тони и хартијата со околу 10 илјади тони. Количината на издвоен метал е речиси занемарлива.
Дополнително, статистиката покажува дека дури 84 проценти од комуналниот отпад го создаваат домаќинствата, додека само 16 проценти потекнуваат од продавниците, рестораните, канцелариите и од другите деловни субјекти. Тоа значи дека токму кај граѓаните постои најголем потенцијал за подобрување на селекцијата и на рециклирањето.
Дека селекцијата е само почеток, а не решение, предупреди професорката Александра Аниќ-Вучиниќ од Хрватска на панел-дискусијата „Воспоставување на регионален систем за управување со отпад како основа за циркуларна економија“, која се одржа во мај годинава, во Скопје.
– Кога ќе го ставите пластичното шише во жолта канта, не го решавате проблемот, туку тој почнува во тој момент – истакна професорката, објаснувајќи дека по селекцијата следуваат сортирање, транспорт, обработка и рециклирање, а без развиена инфраструктурам целиот процес не може да биде успешен.
Таа ги пренесе и искуствата од Хрватска, каде што четирите регионални центри за управување со отпад чинеле меѓу 50 и 70 милиони евра секој, но и покрај тоа, во 2024 година биле рециклирани само 37 проценти од отпадот. Дополнително, според неа, само околу 35 проценти од пластиката може повторно да се рециклира, додека преостанатите 65 проценти мора да се третираат на друг начин.
Професорката предупреди дека нелегалните депонии и понатаму претставуваат сериозен проблем, не само во Хрватска туку и во Европската Унија, особено кога станува збор за градежниот отпад. Таа нагласи дека отворањето регионални центри не значи крај на проблемите, туку почеток на секојдневно управување со сложен систем што бара континуирани инвестиции, контрола и стручни кадри.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, тогаш оцени дека воспоставувањето регионален систем за управување со отпадот претставува една од најголемите реформи во секторот и една од најзначајните инвестиции во областа на животната средина.
– Предолго зборувавме за модерно управување со отпадот, а премалку се реализираше. Денес веќе се случува конкретна имплементација: воспоставување на првите регионални центри за отпад, трансфер-станици и испорака на современа механизација за општините – изјави Хоџа.
Според него, крајната цел е постепено напуштање на моделот во кој отпадот завршува на депонија и воспоставување циркуларна економија, во која отпадот ќе стане ресурс што повторно ќе се користи во производството.
На потребата од забрзување на реформите предупреди и претседателот на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад, Михаил Матески, кој оцени дека Македонија повеќе од една деценија доцни со изградбата на регионалните центри. Според него, земјава во моментов има силна финансиска и институционална поддршка од Европската Унија и од меѓународните партнери, што претставува можност, конечно, да се воспостави современ систем за управување со отпадот.
Матески нагласи дека управувањето со отпадот не треба да се гледа како трошок, туку како инвестиција во јавното здравје, животната средина и во економијата.
– Во Европа веќе не се зборува за центри за отпад, туку за центри за управување со ресурси. Отпадот не е ѓубре, туку ресурс што може повторно да се искористи – порача тој.
Според него, најголем проблем останува комуналниот отпад од домаќинствата, додека системите за индустриски отпад и за отпад од пакување функционираат значително подобро. Тој предупреди дека на јавните комунални претпријатија им недостигаат обучен кадар, современа механизација и оперативни капацитети, поради што приоритет треба да биде нивното јакнење, паралелно со изградбата на регионалните центри.
Статистиката покажува дека Македонија создава околу 655 килограми индустриски отпад на жител, што е значително под просекот на Европската Унија од околу 4.850 килограми. Сепак, загрижува фактот што околу една четвртина од индустрискиот отпад кај нас е опасен, додека европскиот просек изнесува околу пет проценти. Експертите го поврзуваат ова со недоволно развиените технологии за третман и со неутрализацијата на опасниот отпад.
(С. Бл.)












