Русија го изврши својот најголем воздушен напад од почетокот на војната во Украина во период од два дена, таргетирајќи го Киев и други градови со стотици беспилотни летала, соопштија украинските власти во четврток.
Седум лица загинаа, а 44 се ранети во комбиниран руски напад со ракети и беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев, пренесе „Бета“.
Украинската служба за вонредни состојби соопшти дека 20 лица се водат како исчезнати.
Според „Украинска правда“, меѓу загинатите е и 12-годишно девојче.
Во нападот се урна деветкатна зграда, при што загинаа двајца мажи (на возраст од 21 и 30 години) и жена чиј идентитет сè уште се утврдува.
Еден маж е убиен во напад врз бензинска пумпа.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека меѓу повредените 44 лица има новороденче и дете.
Кличко изјави дека се урна дел од станбена зграда со 18 станови во населбата Дарница во Киев.
Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека шест тима со кучиња работат на потрагата и спасувањето.
Кличко извести дека поради нападот, немало водоснабдување во новиот дел од градот, на левиот брег на реката Днепар.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 1.560 беспилотни летала од вчера. Официјалните лица изјавија дека најмалку 11 лица се убиени во нападите.
Зеленски рече дека Москва лансирала повеќе од 670 борбени беспилотни летала и 56 ракети преку ноќ, додека единиците за воздушна одбрана собориле 41 ракета и 652 беспилотни летала, соопштија воздухопловните сили.
„Ова сигурно не се постапки на оние кои веруваат дека војната завршува“, рече Зеленски, додавајќи: „Важно е партнерите да не молчат за овој напад. Подеднакво е важно да продолжиме да ја поддржуваме одбраната на нашиот воздушен простор.“
Според него, најмалку пет лица загинаа во Киев. Вчера во редок дневен напад низ западна Украина загинаа шест лица, соопштија официјални лица.
Зеленски рече дека Киев бил главна цел на ноќните напади, додавајќи дека е регистрирана штета на 20 локации во градот, како и во регионот на Киев. Според официјални лица, околу 40 лица биле ранети, вклучувајќи две деца.
Десетици припадници на службите за итни случаи се пробија низ бетонот на местото на нападот со руски дрон врз деветкатница, од која еден дел целосно се урна. Министерот за внатрешни работи Игор Клименко рече дека повеќе од 10 лица сè уште се водат како исчезнати додека спасувачките служби ги расчистуваа урнатините..
Зеленски рече дека вкупно 180 згради се оштетени во Украина, вклучувајќи повеќе од 50 станбени згради.
Руските напади го нарушија снабдувањето со вода во Киев, а властите вклучуваат генератори за да го вратат снабдувањето на домаќинствата, рече градоначалникот. Во вториот по големина град во Украина, Харков, 28 лица, меѓу кои и три деца, беа ранети по напад врз цивилна инфраструктура, изјави регионалниот гувернер Олех Сињехубов.
Украинското министерство за енергетика соопшти дека снабдувањето со електрична енергија е прекинато во 11 региони, а официјални лица изјавија дека нападите биле насочени и кон пристанишната инфраструктура во јужниот регион Одеса и железничката пруга, пренесе „Радио Сарајево“.












