Најбогатите арапски земји ја разгледуваат можноста за преиспитување на своите инвестиции во странство за да го намалат финансискиот притисок предизвикан од војната меѓу САД и Иран, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според извори на весникот, притисокот врз буџетите на земјите од Заливот би можел да ги натера да ги преиспитаат постојните и планираните инвестиции во странство додека бараат начини за ублажување на финансиските последици од војната. Еден функционер од Персискиот Залив изјави за „Фајненшл тајмс“ дека ова би можело да влијае на широк спектар на финансиски обврски, од инвестициски ветувања кон странски земји или компании до спортско спонзорство, договори со деловни партнери и инвеститори и продажба на постојните удели. Тој додава дека три од четирите најголеми економии во Заливот – Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар – разговарале за притисокот што го прави војната врз нивните буџети и економии, без да каже за кои три земји станува збор.
– Неколку земји од Заливот почнаа внатрешен преглед за да утврдат дали може во постојните договори да се активираат клаузулите за виша сила, а истовремено да се разгледаат постојните и идните инвестициски обврски за да се ублажи дел од очекуваниот економски притисок предизвикан од сегашната војна – изјави функционерот.
„Фајненшл тајмс“ наведува дека земјите од Персискиот Залив се соочуваат со пад на приходите од енергетскиот сектор поради намаленото производство или проблемите со снабдувањето со енергија, како и падот на приходите од туризмот и од авијацијата, додека во исто време трошоците за одбрана им се зголемуваат. Советник на една влада од Персискиот Залив изјави дека можноста за преглед на инвестициите од богатите земји од Персискиот Залив веќе го привлекла вниманието на Белата куќа. Овие земји управуваат со некои од најголемите и најактивни државни инвестициски фондови во светот. Минатата година, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар ветија инвестиции во вредност од стотици милијарди долари во САД, по посетата на американскиот претседател, Доналд Трамп, на регионот, потсетува „Фајненшл тајмс“. Државите од Персискиот Залив се, исто така, меѓу најголемите финансиери на спортски настани во целиот свет и во последниве години инвестираат многу во сопствениот економски развој, со цел да ги диверзифицираат своите економии.
„Фајненшл тајмс“ наведува дека секоја одлука што би можела да влијае на инвестициите во САД или во други западни земји би можела дополнително да го зголеми притисокот врз Трамп да се обиде да најде дипломатско решение и да ја заврши војната.












