Филмовите „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума освоија награди на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови, потврдувајќи го квалитетот и потенцијалот на македонската кинематографија.

Косара Митиќ освои „Златната мимоза“ за најдобра режија за филмот „17“. Според образложението на жири-комисијата, таа го истакна нејзиниот исклучителен режисерски стил, како и големата емотивна сила што ја пренесува преку филмската нарација.

Филмот „17“ има исклучително успешен меѓународен пат со 11 меѓународни награди, со што ја потврдува својата авторска сила, квалитет и потенцијал да допре до публиката и фестивалските жирија надвор од Македонија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, пак, по наградите на престижните фестивали Трибека, Ерусалим и Сараевскиот филмски фестивал, продолжува да ја освојува и регионалната фестивалска публика.

Во Херцег Нови, филмот ја освои специјалната награда за пораката за родова еднаквост и инклузивност, со што фестивалската приказна на филмот продолжува во впечатлив ритам – четири фестивали и четири награди.

Претходно, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои наградата „Нора Ефрон“ на фестивалот „Трибека“, наградата „Куминг“ за најдобар филм во програмата „Спирит оф фридом“ на филмскиот фестивал во Ерусалим и специјалната награда на „Младински перспективи“ на Сараевскиот филмски фестивал.

Наградите на фестивалот во Херцег Нови се дополнителна потврда дека македонските автори со своите приказни, специфичниот режисерски пристап и современите теми успешно комуницираат со меѓународната публика.

Двата филма го докажуваат големиот авторски потенцијал на новата генерација македонски филмски автори и за местото на македонската кинематографија на меѓународната фестивалска сцена.

ИЗДВОЕНИ