Легендарниот тенисер Рафаел Надал му даде поддршка на својот сонародник Карлос Алкарас, кој моментално закрепнува од сериозна повреда на зглобот поради која мораше да го пропушти мастерсот во Рим, како и Ролан Гарос.
Алкарас последен пат настапи на 14 април во Барселона, кога беше принуден да се повлече среде турнирот. Медицинските прегледи покажаа теносиновитис – воспаление на тетивата и на нејзината обвивка во пределот на палецот, предизвикано од голем напор и постојани повторувања на движењата.
Надал, кој низ кариерата се соочуваше со бројни повреди, истакна дека одлуката на Алкарас да паузира е исправна.
- Тој веќе не е почетник и знае како функционираат ваквите ситуации. Ова е тежок удар, особено во овој дел од сезоната, но најважно е што повредата не треба да стане хронична, изјави Надал.
Шпанската тениска икона откри и дека разговарал со Алкарас по повредата, бидејќи и самиот двапати имал сличен проблем со зглобот.
- Тоа е нешто што добро ми е познато. Разговаравме, но тие работи ќе останат меѓу нас, додаде Надал.
Сега, главното прашање е дали Алкараз ќе успее целосно да закрепне до Вимблдон и дали повредата ќе влијае врз неговиот агресивен стил на игра.
Во меѓувреме, Јаник Синер продолжува да доминира на АТП-листата и дополнително ја зголеми предноста во однос на Алкарас.











