Сите набавки на „ЕВН Македонија“ се спроведуваат низ јасно утврдена постапка, со почитување на законските процедури и специфичните технички критериуми, велат од енергетската компанија за последниот договор за набавка на електрични броила.
– Таквата практика беше применета и во постапката за набавка на броила, каде што, покрај законската регулатива, беа доследно применети и критериумите за техничка и за професионална способност, усогласеноста со барањата од техничката спецификација, како и проверката за евентуално постоење причини за исклучување на понудувачите од постапката – порачуваат од ЕВН Македонија“ и додаваат дека е направен изборот на понудувачот со строго почитување на утврдените критериуми и регулативи.
Изборот на понудувачот, како што велат, е резултат исклучиво на спроведената постапка и на исполнувањето на однапред утврдените критериуми и барања, без простор за политички или за други толкувања поврзани со изборот.
– Промената на броилата е дел од процесот за целосно усогласување на дистрибутивниот систем со стандардите на Европската Унија и интензивно се спроведува со години наназад, а ќе продолжи и во следниот период – посочуваат од „ЕВН Македонија“.
Од ЕВН ја поврзуваат набавката на електрични броила со поширокиот инвестициски циклус за модернизација на електродистрибутивната мрежа и подобрување на услугите. Во рамките на тој процес, според компанијата, се реализираат повеќе активности: далечинско управување со трафостаниците, унапредување на софтверските решенија за управување и замена на електричните броила.












