петок, јуни 5, 2026
Дома СВЕТ На животот во оскудица Кубанците му пркосат со музика и тезги на...

На животот во оскудица Кубанците му пркосат со музика и тезги на кои продаваат се што во нормални услови е отпад

33
epa13003355 People walk past a 1955 Ford classic car in Havana, Cuba, 29 May 2026. EPA/ERNESTO MASTRASCUSA

Додека туристите ги гледаат шарените улици на Хавана, старите американски автомобили и ритамот на салса на разгледниците, реалноста во Куба станува сè посурова. Со месеци, земјата се соочува со длабока економска криза, сериозен недостиг на гориво, чести прекини на електрична енергија што траат по неколку часа и хроничен недостиг на основни потреби.

Во такви околности, пишува белградска „Политика“, кубанските граѓани се обидуваат да преживеат колку што можат. На импровизирани улични тезги продаваат буквално сè – стари телефони од 1990-тите, користени чешли, делови за домашни апарати, стара облека, батерии, па дури и празни пластични шишиња. Она што се смета за отпад во поголемиот дел од светот, во Куба станува средство за преживување. Кубанската економија со години е под силно влијание на санкциите на САД, но во последниве години ситуацијата стана уште потешка. Редицините пред продавниците станаа секојдневна појава. Граѓаните чекаат со часови за леб, масло или ориз, без гаранција дека стоката воопшто ќе биде достапна. Во некои делови од земјата, електрична енергија снемува до десет часа на ден, додека јавниот превоз работи минимално поради недостаток на гориво. Многу Кубанци одат пеш или со велосипед до работа, а сè повеќе семејства се потпираат на роднини во странство кои им испраќаат пари и пакети, наведува „Политика“.

Сепак, и покрај тешката ситуација, властите во Хавана сè уште успеваат да ја одржат институционалната контрола. Од друга страна, критичарите на владата нагласуваат дека проблемите не можат да се објаснат само со санкциите. Тие посочуваат на децении централно планирана економија, слаб приватен сектор, неефикасност на државните претпријатија и бавни реформи кои, велат тие, дополнително ја ослабнале отпорноста на земјата. И покрај сè, Кубанците покажаа неверојатна способност за прилагодување. Музиката сè уште свири на улиците на Хавана, соседите делат храна кога е достапна, а многумина се обидуваат да почнат мали приватни бизниси – од поправка на електроника до продажба на домашно приготвено кафе и сендвичи. Токму оваа комбинација од снаодливост, навика за криза и силна семејна солидарност го одржува секојдневниот живот. Но, прашање е колку долго. Сè поголем број млади луѓе го напуштаат островот во потрага по понормален живот. За многумина од нив, најголемиот проблем повеќе не е политиката, туку заморот од секојдневната борба за најосновните работи.

 

ИЗДВОЕНИ