Владата на Луксембург денес објави дека започнала истрага откако аеродромот во Луксембург привремено го прекина својот работен процес во петокот вечерта поради дронови забележани во близина.
Според владиното соопштение, летовите биле привремено запрени синоќа „откако биле забележани неидентификувани и неовластени дронови во воздушниот простор над Финдел“, пренесува Ројтерс.
Вкупно 19 летови биле пренасочени кон други аеродроми, се додава во соопштението, додека работата на аеродромот продолжила околу 01:20 часот по локално време.
„Достапните информации не дозволуваат донесување конечни заклучоци“
Премиерот Лук Фриден денес им изјави на новинарите дека неговата земја се „соочува со нешто ново за Луксембург – присуство на потенцијално поголеми дронови во воздушниот простор на земјата“.
„Ова го забележавме во текот на изминатите неколку дена, што доведе до преземање мерки на претпазливост синоќа“, рече тој.
Меѓуминистерската единица за проценка во врска со дроновите ја анализира ситуацијата, а Фриден одржал состанок со група министри и надлежни органи, соопшти владата.
„Во оваа фаза, достапните информации не дозволуваат донесување конечни заклучоци“, се додава во соопштението.
Исто така, беше наведено дека надлежните органи продолжуваат да ги анализираат сите собрани информации и да ги спроведуваат потребните проверки во тесна соработка со меѓународните партнери.












