среда, септември 23, 2026
Дома СВЕТ На првиот ден на ГС на ОН, Газа ги разбранува духовите: ...

На првиот ден на ГС на ОН, Газа ги разбранува духовите: Н: Трамп повтори дека донел мир, Ердоган „ги избрка“ Израелците, Макрон удри по говорницата !

1
EPA/OLGA FEDOROVA

Трамп рече дека се соочува со избор: или да склучи договор со Иран што ќе ѝ помогне на земјата да се обнови и да стане најразвиена нација на Блискиот Исток или да ја уништи Исламската Република. Од говорницата, тој повтори дека мировниот договор меѓу Москва и Киев е на дофат, додавајќи дека тесно соработуваат со лидерите на Русија и на Украина и дека „мирот ќе дојде побрзо отколку што се мисли“. На затворен состанок, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, посочил дека за конфликтот во Газа решението со две држави нема алтернатива

 

Иран треба да постигне договор или го очекува тотално уништување, порача американскиот претседател од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Обновувајќи ја заканата за Иран, со кој САД и Израел се во војна веќе седум месеци, американскиот претседател даде повеќе контрадикторни изјави во својот воведен говор. Тој ги повика сите нации да им се придружат на САД во целосната економска изолација на Иран сè додека Техеран „не престане со нападите врз трговските бродови, не се откаже од своите нуклеарни амбиции и не престане да го поддржува тероризмот“. Притоа, истакна дека се соочува со избор: или да склучи договор со Иран што ќе ѝ помогне на земјата да се обнови и да стане најразвиена нација на Блискиот Исток или да ја уништи Исламската Република.

Од говорницата, Трамп повтори дека мировниот договор меѓу Москва и Киев е на дофат, додавајќи дека тесно соработуваат со лидерите на Русија и Украина и дека „мирот ќе дојде побрзо отколку што се мисли“. Се осврна и на Газа, при што рече дека ја завршил војната во Појасот Газа и спасил илјадници животи. И наспроти очекувањата дека акцентот на говорите во ОН ќе биде ставен на војните во Иран и во Украина, токму Газа доминираше во повеќето од нив, а беше и причина за неколку конфронтации и бурни реакции. Така, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во својот остар говор ги осуди дејствата на Израел во Газа и окупираниот Западен Брег и рече дека ОН не ја исполниле својата обврска да ги зачуваат мирот и безбедноста. Тогаш израелската делегација ја напушти салата, а палестинските претставници аплаудираа. Ердоган се осврна на „воените злосторства што продолжуваат во Газа“ и на зголемените напади од доселениците на Западниот Брег.

– Со поддршка на американскиот претседател, Доналд Трамп, придонесовме за воспоставување прекин на огнот. Но, и покрај овој таканаречен прекин на огнот, повеќе од 1.300 цивили се убиени во Газа – рече Ердоган, додавајќи дека Израел не ги запира операциите, иако Хамас и другите палестински групи ја прифатија втората фаза од октомврискиот рамковен договор за прекин на огнот.

Тој ја опиша Газа како „најнехуман и најсрамен концентрационен логор на нашето време“. Газа ја имаше и во жешкиот говор на францускиот претседател, Емануел Макрон. Тој му се спротивстави на Трамп, оспорувајќи го неговото тврдење од почетокот на состанокот дека обезбедил мир во Појасот Газа и рече дека и покрај прогласувањето мир, ниту еден хуманитарен коридор не е повторно отворен во енклавата. Во своето последно обраќање пред ОН пред да ја напушти функцијата следниот мај, Макрон остро го критикуваше Трамп, кој го прикажа својот мировен план за Појасот Газа како дипломатски триумф. На проблемот со Газа се осврна и бразилскиот претседател, Лула да Силва, кој по традиција беше прв говорник на Генералното собрание на ОН. Тој рече дека Палестинците во Газа претрпеле геноцид, додека израелските цивили ја „платиле цената за радикализмот и терористичките напади“ на милитантното движење Хамас.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пак, како што јави „Араб њуз“, на затворен состанок организиран од Франција и од Саудиска Арабија, рекол дека решението со две држави за конфликтот во Газа „нема алтернатива“. Предупредил и дека истекува времето додека се уништуваат темелите за создавање идна палестинска држава.

Од говорницата на Генералното собрание, на почетокот од дебатата, Гутереш изјави дека во текот на изминатата деценија избиле „војни со катастрофални последици“, кои продолжуваат со „неопислива бруталност“.

– Цивилите беа напаѓани, човековите права – газени, хуманитарните работници – убивани, а меѓународното право – занемарувано, додека геополитичките поделби се продлабочија, а нееднаквостите се зголемија. Довербата е нарушена, а климатската криза премина од далечно предупредување во секојдневна реалност – рече тој и додаде дека е во тек пренос на моќта од владите кон приватните корпорации и поединци.

Како куриозитет на ова Генерално собрание на ОН може да се смета неприсуството на италијанската премиерка, Џорџа Мелони, која одби да отпатува за Њујорк, со образложение дека е зафатена, па Италија ја претставува вицепремиерот и министер за надворешни работи, Антонио Тајани. Со ова е прекинат речиси 15-годишниот континуитет на присуство на италијански премиер на дебатата на високо ниво во ОН. Отсуството на Мелони значи и дека нема да се сретнат таа и американскиот претседател, Доналд Трамп. Нивниот однос е проследен со јавни несогласувања во последните месеци, вклучувајќи ги разликите во ставовите за политиката на САД кон Иран и контроверзиите по самитот на Групата седум.

 

ИЗДВОЕНИ