Во рамки на 11. издание на Крик – фестивалот за критичка култура, вечерва (23 септември), со почеток во 19 часот, на Факултетот за драмски уметнсти (ФДУ), ќе се одржат два перформанси кои се навраќаат кон деведесеттите години и постсоцијалистичката транзиција преку две различни, лични и политички перспективи.

Првиот е на Пана Адоржани. Во копродукција со HELLERAU – European Centre of the Arts, Адоржани со „Хаос, капитализам и добротворност“ се навраќа на своето детство во Романија низ призмата на парите, нееднаквоста и новиот капиталистички поредок, додека Карол Фило во „Ненасилни тела“ се враќа во Словачка во деведесеттите, кон насилството на крајната десница, антифашистичкиот отпор и противречностите на европската фантазија за ненасилство.

„Хаос, капитализам и добротворност“ 

Родена на крајот на 1990 година, Пана Адоржани ја поминува првата деценија од својот живот додека Романија се обидува да се снајде во хаотичната реалност по падот на комунизмот. Додека Пана ги минува пресвртниците на сопственото детство – патува преку повеќе граници без виза на деветмесечна возраст, учи да чита пред да тргне на училиште и ги пишува своите први песни – Романија минува низ етнички конфликти, разорни пирамидални финансиски шеми, насилни судири и враќање на поранешните комунистички елити на власт. Овие две временски линии, навидум со малку заеднички нешта, во „Хаос, капитализам и добротворност“ почнуваат да се испреплетуваат. Преминот кон демократијата истовремено е и премин кон глобализмот и капитализмот, а Адоржани ја набљудува оваа трансформација преку парите – нешто што го придвижува, но понекогаш и го запира, светот околу неа. Задржувајќи се токму на оваа непријатна тема, перформансот размислува за нееднаквоста, филантропијата и eudaimonia – идејата за добриот живот и за тоа што воопшто значи да се живее и да се прави добро. Времетраењето е 30 минути, а јазикот е англиски.

 „Ненасилни тела“ 

Во „Ненасилни тела“, Карол Фило нè носи во Словачка во деведесеттите години – период во кој дел од општеството верува дека политичката природа на секојдневниот живот исчезнала во неолибералниот сон за слободниот пазар и индивидуалната конкуренција. Истовремено, припадниците на антифашистичкото движење внимателно ги следат активностите на десничарските и неонацистичките скинхед групи, неретко избирајќи да одговорат со контранасилство. Во тензијата меѓу европската фантазија за ненасилство и проживеаната реалност на физичката конфронтација, Фило истражува што значи да се браниш себеси, но и што значи да ги браниш маргинализираните групи. Автор и изведувач е Фило.

По перформансите следува разговор со Мања Величковска.

ИЗДВОЕНИ