Ракот на грлото на матката може да стане болест на минатото, но само ако жените редовно одат на гинеколошки прегледи, а децата навреме се вакцинираат против ХПВ. Најмладата пациентка со цервикален карцином во Македонија има само 18 години, што уште еднаш покажува дека превенцијата не смее да се одложува. Лекарите предупредуваат дека преканцерозните промени најчесто не предизвикуваат болка и немаат симптоми што жената може сама да ги препознае, па токму затоа редовните прегледи се клучни за навремено откривање и лекување. На одбележувањето на Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката, претседателот на Македонското здружение за гинекологија и акушерство, проф. д-р Глигор Тофоски, истакна дека со вакцинација и со активно откривање на преканцерозните промени во рана фаза може да се создаде општество во кое ова малигно заболување ќе биде минато.
Матичниот гинеколог Емилија Трајковска предупреди дека сè уште многу жени одат на гинеколог само кога ќе почувствуваат проблем или кога ќе останат бремени, наместо прегледот да биде дел од редовната грижа за здравјето. Стравот од прегледот, но и уверувањето дека нема потреба од посета ако нема симптоми, се меѓу причините поради кои жените ја одложуваат превенцијата.
„Преканцерозните лезии на грлото на матката не даваат болка и не предизвикуваат симптоми кои жената би можела да ги препознае. Затоа, многу често, жените не се свесни дека постои некаков проблем. Ако овие промени се откријат навреме, лекувањето може да биде многу поедноставно и поуспешно. За жал, сè уште имаме жени кои не одат редовно на гинеколог, некои поради страв од прегледот, други затоа што сметаат дека нема потреба ако немаат никакви тегоби. Но, тие неколку минути одвоени за превентивен преглед можат да бидат пресудни за нивното здравје“, рече Трајковска. Гинеколозите апелираат да се напушти сфаќањето дека преглед е потребен само кога жената има здравствен проблем. „Кај нас сè уште владее мислењето дека на гинеколог се оди само кога жената е бремена или кога има некаков проблем. Тоа мора да се промени. Редовните прегледи се важни токму кога жената нема никакви симптоми“, нагласи Трајковска.
Покрај скринингот, лекарите бараат и поголем опфат со ХПВ-вакцинацијата, која во Македонија е бесплатна за децата до 19 години, а се разгледува можноста таа да биде достапна бесплатно и за повозрасните, до 26 години. Во моментов, за лицата над 19 години, вакцината се плаќа околу 8.000 денари, а се примаат три дози. Според лекарите, вакцинацијата не е само заштита на девојчињата туку и на момчињата, бидејќи ХПВ може да предизвика малигни заболувања кај двата пола. „Сакам да ги повикам родителите навреме да ги вакцинираат своите деца. Со тоа ние не го одредуваме нивниот сексуален живот, ниту ги поттикнуваме на сексуална активност, туку ги заштитуваме од инфекции кои подоцна можат да предизвикаат преканцерозни промени и рак. Со вакцинација и со редовни превентивни прегледи можеме да спречиме голем број сериозни заболувања“, порача Трајковска. (П. А.)












