Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова побара одговор од надлежните институции за промената на правната квалификација во случајот со брутално претепаната девојка во Охрид, предупредувајќи дека со тоа се намалува максималната затворска казна за сторителот.
Во објавата, Зајкова истакнува дека Министерството за внатрешни работи првично поднело кривична пријава за тешка телесна повреда по член 131 став 3 од Кривичниот законик, додека Обвинителството потоа поднело обвинение за телесна повреда, заедно со делата противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
„Како жена, но и пред сѐ како човек, бесна сум! Барам конкретни одговори за случајот со брутално претепаната девојка во Охрид! МВР првично поднело кривична пријава за ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, по член 131 став 3 од Кривичниот законик. Обвинителството потоа поднело обвинение за ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА, заедно со уште две кривични дела – противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Девојката, според информациите на МВР, била физички нападната и изгубила свест! ЌЕ ОБЈАСНИ ЛИ НЕКОЈ КАКО ОД ТЕШКА ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА СТИГНАВМЕ ДО ТЕЛЕСНА ПОВРЕДА?! Обвинителството соопшти дека е извршено медицинско вештачење. Барам да се објасни дали се земени предвид сите повреди, начинот на нанесување на ударите и губењето на свеста, и кои конкретни медицински наоди ја оправдуваат промената на квалификацијата. Не обвинувам никого однапред, но барам да се отстрани секој сомнеж дека тежината на насилството е минимизирана! ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈАВНО ДА СООПШТИ ПО КОЈ ЧЛЕН И СТАВ Е ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕТО! Затоа што, доколку обвинението е со промената квалификацијата од член 131 став 3, максималната предвидена затворска казна за делото поврзано со повредата постои ризик да се намалува од ДЕСЕТ на ПЕТ години!“, нагласува Зајкова.
Таа потсети и на поранешните пропусти со фемицидите во Старо Нагоричане, апелирајќи на максимална стручност и темелност во сите вештачења, поставувајќи прашања и за дигиталната форензика на мобилните телефони, можните помагачи во прикривањето на трагите, како и за првичните одлуки на обвинителството околу мерките за претпазливост пред да биде побаран притвор.












