Пекарниците ги прават пресметките, а евентуалното поскапување ќе зависи од движењето на цените на струјата, брашното и на другите суровини. Производителите засега не најавуваат промени, но синдикатите предупредуваат дека секое ново поскапување дополнително ќе го оптовари семејниот буџет

Неизвесноста околу цените на основните прехранбени производи повторно ги загрижува граѓаните во пресрет на зимата. Иако засега нема официјални најави за поскапување на лебот, во јавноста се споменуваат можни корекции од два до три денари, додека кај јајцата се очекува зголемување од пет до седум денари. Дали ќе се претворат овие најави во нов ценовен удар врз семејниот буџет, засега останува неизвесно.

Од мелничко-пекарската индустрија смируваат дека засега нема најави за поскапување на основните видови леб и дека тие се продаваат по постојните цени. Сепак, не ја исклучуваат можноста за корекции кај одредени производи доколку продолжи растот на производствените трошоци.

Горан Малишиќ посочува дека цените на лебот и на белите печива во моментов генерално остануваат непроменети. Истото го потврдуваат и неколку пекарници, но со оглед на тоа што работат повеќе од 2.000 мали и големи пекарници во земјава, не се исклучуваат индивидуални ценовни корекции.

– Реално, сè е покачено, и енергенсите и пченицата, а тоа влијае врз работењето на пекарниците. Но, набавната цена сè уште е иста. Колкава ќе биде крајната цена, тоа никој не може да гарантира – изјави Малишиќ.

Сличен став имаат и во една мала пекарница во Скопје, од каде што велат дека засега не планираат да ги зголемат цените на пекарските производи и покрај поскапувањето на дел од репроматеријалите. Сепак, предупредуваат дека доколку дојде до позначително зголемување на цените на струјата, брашното и на другите суровини, ќе мора да ги коригираат цените на лебот, бурекот и на белите печива.

– Засега не планираме зголемување на цените на пекарските производи и покрај тоа што се зголемени цените на некои репроматеријали за денар-два. Но, ако има поголемо зголемување на цената на струјата, брашното, урдата и на другите суровини, ќе поскапат и бурекот и белите печива. Некои поголеми пекарници веќе ги зголемија цените на дел од производите по најавите за поскапување – изјави за весникот ВЕЧЕР Сашо Трипуновски, сопственик на пекарница.

Дека евентуалното поскапување ќе зависи од одлуките на самите производители посочува и Горан Ѓорѓиевски. Тој објаснува дека зголемените трошоци создаваат притисок врз компаниите, но секоја од нив индивидуално ќе одлучува дали и за колку ќе ги коригира цените.

– Има притисок на излезната страна во однос на тоа да има потреба да се покачат одредени цени, не говорам за сите. Меѓутоа, во овој момент, тоа се движи во една рамка каде што се функционира на соодветен начин. Ќе видиме во иднина како ќе реагира индивидуално, секоја од дадените компании, бидејќи на крајот на денот, во пазарната економија секој си ги одредува цените – изјави Ѓорѓиевски.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, предупредуваат дека секое ново поскапување дополнително ќе го намали животниот стандард на работниците и на домаќинствата со најниски примања. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочува дека цените растат побрзо од платите, а трошоците за основните потреби стануваат сè поголем товар.

– Цените растат побрзо од платите, а најголемиот товар го поднесуваат работниците и домаќинствата со најниски примања. Автобускиот билет за превоз од Тетово, Куманово и од Велес до Скопје поскапи за 50 денари во еден правец, цената на нафтата надмина 100 денари, а најавено е и покачување на цената на струјата. Сега се отвора прашањето за ново поскапување на лебот, јајцата и на другите основни прехранбени производи. Вредноста на синдикалната минимална кошница само за храна и за пијалаци надмина 26.046 денари, што е повеќе од една минимална плата – предупредува Трендафилов.

Засега нема потврда за ново поскапување на лебот, но производителите не ја исклучуваат можноста за корекции доколку продолжи растот на трошоците. Конечните одлуки ќе зависат од движењето на цените на енергенсите, брашното и на другите суровини, како и од пресметките на самите компании. За граѓаните, пак, и најмалото зголемување на цените на основните прехранбени производи би значело дополнителен притисок врз семејниот буџет, кој веќе тешко ги покрива основните месечни трошоци.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ