Семејното насилство е како вирус, а институциите, вклучувајќи ја и заедницата на блиски пријатели, роднини и соседи, затајуваат со превенцијата. Ова е заклучокот од последните два случаи на брутално насилство врз млади жени, тепани од партнерите и во обид да ѝ избегаат на правдата.
По претепувањето на 26-годишната Сара Ѓорѓиеска во Охрид, на 31-годишниот Кристијан Корабоски кој е обвинет за тоа, и тоа за три кривични дела, Судот му определи притвор од 30 дена. Судењето е веќе закажано на 27 овој месец.
Сара е пуштена од охридската болница „Свети Еразмо“, но продолжува со испитувањата на клиника во Скопје за да се утврди нејзината целосна здравствена состојба. Информацијата дека е префрлена во Скопје ја потврдил нејзиниот татко, Љупчо, за порталот Охридпрес. Во „Свети Еразмо“ ѝ биле извршени повеќе дијагностички испитувања, меѓу кои и компјутерска томографија на главата. Според првичните информации од болницата, има повеќе повреди, хематоми и модринки.
Охридското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против Корабоски за телесна повреда, противправно лишување од слобода и за загрозување на сигурноста. По првичната одлука осомничениот да биде пуштен со мерки на претпазливост, полицијата продолжи да обезбедува докази и дополнителните сознанија ги достави до Обвинителството. Меѓу доказите има и видеоснимки од кривичните дела што му се ставаат на товар. Делото противправно лишување од слобода е на околноста кога Сара молела да ја пушти да излезе од автомобилот, но тој одбил и почнал да вози со голема брзина.
По нивното разгледување, Обвинителството вториот пат побара притвор, а Судот го прифатил предлогот.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека полицијата продолжила со работа на случајот и по првичното постапување, а најави и проверка на евентуални пропусти во полициското работење.
– За секое непрофесионално полициско постапување, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди интензивно работи и на целиот процес и за цела аномалија јавноста навремено ќе биде информирана – изјави Јанев.
На прес-конференција во МВР, тој упати порака дека одговорноста за спречување на насилството не е само на полицијата туку и на сите институции и граѓани што може да реагираат кога ќе забележат насилство.
– Сите ние имаме одговорност да реагираме согласно со нашите надлежности. Кога ќе дејствува полицијата, тогаш, можеби, веќе ќе биде доцна, затоа што се затаило нешто. Мора да растат свесноста и одговорноста кај сите нас. Полицијата е една алка од сите институции што мора активно да работат, да ги охрабрат граѓаните да не молчат во таквите случаи на насилство и да имаат доверба во нив – порача Јанев.
Случајот предизвика и политички реакции. Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, побара итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и на мажите, на која би присуствувале министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и јавниот обвинител, Ненад Савески. Таа побара итно да се стават на дневен ред измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, кои, како што рече, стојат во фиока од август. Тренчевска побара одговорност за постапувањето на МВР, Обвинителството и на Судот, оценувајќи дека во случајот со Сара имало сериозни пропусти.
– Како пратеничка група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалиционите партнери, бараме итно донесување на заклучоците од надзорната расправа, кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите – рече Тренчевска. П.Антеска












