Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, денес изјави дека Европската Унија го изгубила влијанието во светот поради „премногу идеолошки обоената политика во Брисел“ и дека ѝ е потребна нова енергија, која, како што рече, можат да ја донесат земјите од Западен Балкан.
Зборувајќи на форум посветен на Балканот, Сијарто им се заблагодари на Србија, Бугарија и Турција за, како што рече, сигурната транзитна соработка во снабдувањето со гас и оцени дека Европа мора да обезбеди дополнителни количини енергија, пренесува МТИ.
„За Европа да има доволно енергија, руските испораки мора да се вратат на европскиот пазар“, рече Сијарто, пренесува Танјуг.
Зборувајќи за иднината на ЕУ, тој нагласи дека Унгарија ја поддржува интеграцијата заснована на суверени национални држави, а не создавањето на „Соединети европски држави“, предупредувајќи дека укинувањето на правото на вето би значело откажување од дел од националниот суверенитет.












