
Требаше да си дојдеме на 28 февруари, но нашиот авион беше вратен на половина пат. Капетанот објави дека поради затворениот воздушен простор над Персискиот Залив, се враќаме бидејќи не е безбедно да се лета по таа маршрута. Авиокомпанијата го плати сместувањето за првата ноќ, но ние мора сами да ги покриеме сите други ноќи – сместувањето, храната и другите трошоци. Свесни сме дека не сме во непосредна опасност, но оваа ситуација навистина нè засега – рече Владимир Силбашки
Eскалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и затворањето на дел од воздушниот простор доведоа до пренасочување на бројни воздушни маршрути, поради што многу граѓани од Балканот останаа блокирани на далечни туристички дестинации како што се Малдивите, Тајланд, Сејшелите и Оман. Проблемот е особено изразен кај патниците што го организирале своето патување самостојно, а не преку туристички агенции.
Група српски нуркачи и туристи, вклучувајќи и семејства со деца, сè уште се на Малдивите бидејќи нивните летови се откажани, пишува РТС.
– Требаше да си дојдеме на 28 февруари, но нашиот авион беше вратен на половина пат. Капетанот објави дека поради затворениот воздушен простор над Персискиот Залив, се враќаме бидејќи не е безбедно да се лета по таа маршрута. Авиокомпанијата го плати сместувањето за првата ноќ, но ние мора сами да ги покриеме сите други ноќи – сместувањето, храната и другите трошоци. Свесни сме дека не сме во непосредна опасност, но оваа ситуација навистина нè засега – рече Владимир Силбашки.
Тој додава дека се во контакт со Амбасадата уште од првиот ден, но дека, во меѓувреме, е откажан летот планиран за 8 март, што го прави нивното враќање уште потешко и понеизвесно.
– Тука има група од околу 160 луѓе од Балканот, меѓу нас има и Словенци. Се обидовме да најдеме други летови низ различни градови, преку разни системи за резервација, но речиси и да нема места, а цените се екстремно високи. Плативме околу две илјади евра за нашето патување, а сега се бара од нас да издвоиме четири-пет илјади евра за повратен билет, пари што едноставно ги немаме – вели Силбашки.
Туристичките агенции секојдневно добиваат слични повици и барања од голем број луѓе што се нашле во истата ситуација. Српската национална асоцијација на туристички агенции (ЈУТА) вели дека интензивно се бараат алтернативни решенија.
– За одредени датуми, постојат алтернативи преку други дестинации, но билетите во моментов се до петпати поскапи од порано. Им советувам на оние што отпатувале во сопствен аранжман, да побараат од авиокомпанијата барем да им врати дел од парите за неискористениот лет. Тој износ, можеби, не е голем, но може да им помогне да ги намалат трошоците, а потоа да се обидат да најдат други патишта за враќање, не преку Блискиот Исток, туку по заобиколен пат – рече за РТС Александар Сеничиќ, директор на ЈУТА.
Кога станува збор за земјите што не се директно погодени од конфликти, туристичките агенции се должни да ги покријат трошоците за до три дополнителни ноќевања, под услов патниците да се во секојдневен контакт со агенцијата.
– Советот е сите да бидат во постојан контакт со нашата Амбасада и да се пријавуваат во дипломатската мисија за да се добие точниот број луѓе што се наоѓаат на тие дестинации. Само тогаш, во координација со Амбасадата, Министерството за надворешни работи и со другите државни институции, може да се разгледа дали постои можност за организирана евакуација на толку голем број луѓе – додава Сеничиќ.
Патниците од регионот во моментов се расфрлани на неколку локации – оние што се заглавени на Тајланд или Занзибар, исто така, се јавуваат секојдневно.
Ситуацијата на терен се менува од минута во минута, наведува РТС. Една од најновите информации е дека Амбасадата на Србија во Обединетите Арапски Емирати објавила дека е делумно повторно отворен воздушниот простор на Емиратите. Во моментов, се организираат ограничен број летови само од локални авиокомпании и, според информациите од Амбасадата, патниците што останале во транзит и туристите имаат предност при качувањето.











