петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НА АРМИСКИОТ ПОЛИГОН КРИВОЛАК СЕ ТЕСТИРА БОРБЕНАТА ПОДГОТВЕНОСТ: Започна оценувањето на Лесната...

НА АРМИСКИОТ ПОЛИГОН КРИВОЛАК СЕ ТЕСТИРА БОРБЕНАТА ПОДГОТВЕНОСТ: Започна оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група

Вежбата „БЛЕСОК 26“ претставува кулминација на подготовките на нашиот најважен НАТО капацитет, истакна Командантот на 1.пбр, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски

56

Во кампот за обука „Пепелиште“, денеска со свечена церемонија беше означен почетокот на националната теренска тактичка вежба „БЛЕСОК 26“, а која ќе се реализира до 27 април. Вежбата претставува значаен процес за сеопфатно оценување на борбената подготвеност на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), во согласност со стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО. Главните активности на вежбата ќе се одвиваат на армискиот полигон „Криволак“, додека дел од активностите ќе се реализираат и во касарните „Јане Сандански“ – Штип, „Мирче Ацев“ – Прилеп и „Страшо Пинџур“ – Петровец.

На вчерашната церемонија за отворање на вежбата присуствуваа: командантот на Командата за обука и доктрини (КОД), бригаден генерал Љулзим Нуредини и командантот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) бригаден генерал Дејан Чиплаковски, како и претставници од Командата за операции (КО).

Во соопштението на Генералштабот на македонската Армија се наведува дека директорот на вежбата полковникот Игор Арсовски во своето обраќање ја најави реализацијата на вежбата „БЛЕСОК 26“, истакнувајќи го нејзиното значење како клучен сегмент во процесот на оценување на нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ.

-Командантот на 1.пбр, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски во својот говор ги поздрави учесниците на вежбата и им посака успешна и пред се безбедна работа во кампот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“, нагласувајќи дека вежбата „БЛЕСОК 26“ претставува кулминација на подготовките на нашиот најважен НАТО капацитет, при што и официјално ја отвори вежбата – информира Генералштабот

Во реализацијата на вежбата се ангажирани околу 1500 припадници на Армијата, НАТО монитори и набљудувачи од Мултинационалните копнени сили (Multinational Land Forces-MLF).

Паралелно со почетокот на вежбата, во касарните „Јане Сандански“ – Штип, „Мирче Ацев“ – Прилеп и „Страшо Пинџур“ – Петровец, започна процесот на оценување на борбената подготвеност ЛПБГ, при што директорот на оценувачкиот тим ја истакна важноста на оценувањето како суштински дел од процесот на верификација на целокупната борбена подготвеност на единицата.

Генералштабот додава дека вежбата „БЛЕСОК 26“ претставува значаен исчекор во континуираниот развој на оперативните способности на Армијата, потврдувајќи ја нејзината подготвеност, професионалност и посветеност кон исполнување на највисоките национални и НАТО стандарди.

-Воедно, таа ја реафирмира улогата на Армијата како кредибилен и сигурен партнер во рамки на колективната безбедност на НАТО и придонесува кон зајакнување на довербата, интероперабилноста и заедничкото дејствување со сојузниците – се наведува во соопштението. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ