четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА На 150-годишнината од Разловечкото востание, нов живот на Спомен-домот; Конзервацијата и реставрацијата...

На 150-годишнината од Разловечкото востание, нов живот на Спомен-домот; Конзервацијата и реставрацијата во завршна фаза

1320

На 20 мај, во Разловци ќе биде пуштен во употреба Спомен-домот, кој со децении беше запуштен и оставен на забот на времето. Во изминативе неколку месеци, во рамките на целосната обнова се изврши ревидирање на постојниот основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза. Паралелно се работи и на поставувањето нова музејска поставка, која на автентичен и едукативен начин ќе ја раскаже приказната за востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 21 милион денари

На 20 мај, на јубилејната 150-годишнина од Разловечкото востание, во Разловци ќе биде пуштен во употреба реновираниот Спомен-дом, кој со децении беше запуштен и оставен на забот на времето.

Во изминативе неколку месеци, во рамките на целосната обнова се изврши ревидирање на постојниот основен проект за конзервација и реставрација, негово прогласување за културно наследство, како и непосредна заштита, која е во завршна фаза. Паралелно се работи и на поставувањето нова музејска поставка, која на автентичен и едукативен начин ќе ја раскаже приказната за востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 21 милион денари.

– Хероите како Димитар Поп Георгиев Беровски и поп Стојан не вложиле сѐ што имале – и имотот и животот за ние денес да ги заборавиме. Затоа ова не е обичен проект. Ова е враќање на долгот кон сите што го положиле својот живот за Македонија, не барајќи слава, ами слобода – изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, од Разловци, каде што, заедно со стручна екипа од Националниот конзерваторски центар, денеска изврши увид во конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на еден од најзначајните симболи на отпорот на македонскиот народ за слобода, Спомен-домот на Разловечкото востание.

Нашата цел, додаде министерот, е овој простор повторно да стане живо сведоштво за историјата и место што ќе ги инспирира идните генерации.

– Се надевам дека по поставувањето на поставката што ќе ја имаме во изложбениот салон овде, Спомен-домот ќе биде отворен за сите посетители. Тој ќе биде добар за развој на туризмот, но ќе биде многу потребен и во делот на образованието – рече Љутков.

Како што истакна, пак, Александар Јорданоски, директор на НУ Конзерваторски центар, обврската на Националниот конзерваторски центар е да ја врати првобитната состојба на самиот објект.

– Новата поставка ќе биде задача на Центарот за култура од Делчево, кој ќе треба да ги заживее просторот и објектот – истакна Јорданоски.

Ова го потврди и Златко Начоски, директор на Центарот за култура од Делчево.

– Центарот за култура има задача да ги обезбеди внатрешните содржини на Спомен-домот, каде што е предвидена историска изложбена поставка што се однесува за Разловечкото востание и други содржини. Се надевам дека ќе функционира Спомен-домот во иднина, а не како што беше досега, без посетители – рече тој.

Инаку, Спомен-домот во Разловци е дело на истакнатиот македонски архитект Георги Константиновски, кој за проектот, во 1981 година, доби Борбина плакета. До објектот се стигнува преку низа од скали, што го прави првото доживување на објектот исклучително драматично. Не помалку интересна градбата ја прават дијагоналните засеци на дел од објектот, со што, освен природната светлина и сонцето, во објектот се внесуваат и непосредните видици од внатрешните содржини.

Но, во изминатите децении споменикот, кој е безвремен и генијален во својата замисла, за жал, беше заборавен и поприлично запуштен.

Симболиката на Спомен-домот на Разловечкото востание е силно изразена во објектот, за што авторот, проф. Константиновски, додека бил жив, кажал: „Мотивот во мојот проектантски порив за Спомен-домот во Разловци беше токму во можноста преку стилот на брутализмот на симболичен начин го изразам високото чувство за патриотизам на македонскиот народ, кој беше спремен да го положи својот живот за ослободување од туѓото ропство. Ова е решено не само преку експресионизмот на објектот туку и преку колоритот во кој преовладува црвената боја – пролеаната крв во името на слободата, како и белата во централниот дел на објектот, како симбол на светлата иднина. Сето ова, во духот на експресионизмот, остава длабоки траги на психата на посетителот“.

Изведувач на работите е „Изградба комерц“, а Министерството за култура и туризам, како што изјави Љутков, продолжува внимателно да го следи процесот за да се обезбеди квалитетна и навремена реализација. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ