Полицијата уапси две лица од тетовското село Голема Речица, осомничени дека стојат зад нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“. Од МВР информираат дека акцијата ја спровел Секторот за компјутерски криминал во координација со ФБИ, по првично добиени информации. Платформата, според сознанијата, била активна од јули 2023 година и функционирала преку повеќе интернет домени.
На неа била формирана база со компромитирани лични податоци, кои се користеле за регистрација на корисници и продавачи. Евидентирани биле над 2.600 кориснички сметки и повеќе од 1.500 сметки на продавачи, а вкупниот промет надминал 500.000 долари. По наредба на Основниот суд во Тетово, извршен е претрес во домовите на осомничените А. Е. (20) и А. И. (23), при што тие биле затекнати на местото на настанот и приведени. При претресот се одземени компјутери, лаптопи и мобилни телефони, кои ќе бидат предмет на форензичка анализа и ќе послужат како докази во постапката.
Според првичните сознанија, платформата функционирала како онлајн пазар, каде што се регистрирале купувачи и продавачи, но постојат сомневања дека дел од корисниците плаќале за производи кои никогаш не им биле испорачани, при што парите завршувале кај организаторите. Од МВР најавуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот и идентификација на сите инволвирани лица.












