сабота, ноември 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МВР: Гостиварецот што ја претепа сопругата, при приведувањето нападнал полициски службеници и...

МВР: Гостиварецот што ја претепа сопругата, при приведувањето нападнал полициски службеници и повредил еден од нив

1

На 27.11.2026 во 14.10 часот во гостиварско село, полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода М.М.(52) откако физички ја нападнал својата 42-годишна сопруга и ѝ нанел тешки телесни повреди со остар предмет. Жената, по укажаната лекарска помош во Гостивар, во бессознание била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде била задржана на лекување.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен од таткото на осомничениот, кој соопштил дека нападот се случил на 27 ноември, околу 12:30 часот, во семејниот дом.

При интервенцијата на полицијата, тој давал отпор, физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив.

Според неофицијални информации, мажот, за кого од МВР наведуваат дека има нарушено ментално здравје, бил однесен во Психијатриската болница во Бардовци за да му биде укажана соодветна терапија. Се очекува во текот на денот да биде спроведен и во полициска станица.

Според неофицијални сознанија, ова не е првпат тој да биде насилен. Наводно, и неговата прва сопруга била изложена на физичко насилство, по што го напуштила.

За случајот е известен јавен обвинител. Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот против 52-годишникот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

ИЗДВОЕНИ