Виртуозот на гитара, Влатко Стефановски, вчеравечер во Скопје, со извонреден концерт и познати гости музичари, го одбележа златниот јубилеј – 50 години музичка кариера.
На првиот од двата концерти во Македонската филхармонија, Стефановски, кој е и композитор и текстописец, познат и ценет во светски рамки, започна моќно, со изведба на инструменталнa обработкa на македонскaта народна песна „Абер дојде Донке“. Го изведе и „Влатково оро“, за потоа преку добро познатите песни, кои станаа култни, а меѓу кои и „Кандилце“, „Верба, надеж, љубов“, “Џипси сонг”, „Чувам ноќ од будних“…, да нѐ прошета низ неговиот огромен музички опус.
Публиката, во салата полна до послено место, уживаше во спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика.
Оваа вечер беше музичка магија создадена од Влатко Стефановски, на кој му се придружија добро познатите и светски докажани музичари, мултиинструменталистот Дамир Имери и Иван Кукиќ на бас гитара. Синот на Влатко Стефановски Јан, пак, со својата извонредна енергија и виртуозност ја одржуваше атмосферата на највисоко можно ниво и го покажа својот извонреден талент на тапани. Целиот впечаток со својата виртуозност го надополни и кларинетистот Горан Бојчевски од Битола, кој долги години работи и живее во Словенија. Заедно со Влатко во пеењето го придружуваа вокалите Слободанка, Стојан и Тодор, со кои дури и заигра оро на сцена, а специјален гостин дојде специјално од Белград, кантаворот Момчило Бајагиќ-Бајага со кој, како што кажа Влатко, соработувал долги години на бројни проекти.
Откако Бајага откри дека уште првиот пат кога го видел Влатко како свири, знаел дека ќе стане ѕвезда, сите заедно ги испеаја познатите хитови меѓу кои и „442 до Београда“.
Концертот продолжи со исто одушевување од страна на публиката која аплаудираше и пееше заедно со Влатко Стефановски, за на крај кренати на нозе да побараат бис по повеќе од два часа музичка приказна на виртуозот на гитара.
Беше отсвирена „Јовано Јованке“, композиција за која Влатко кажа дека нема место на земјината топка каде што не ја свирел, за на крај да заврши со еден од неговите најпознати хитови „Скопје“. Една од своите песни “Чукни во дрво“, тој вчера му ја посвети на младото момче кое неодамна беше повредено, откако дрво падна врз него. Му посака брзо опоравување.
Влатко на крај им се поклони на сите што дојдоа да го проследат концертот, бидејќи како што кажа најмногу му значи дома да се чувствува добро. Публиката, пак, со бурен аплауз и стоечки овации го наградија гитаристот за целиот негов музички опус и концертите кои како и овој, секогаш се празник за душата.
Стефановски вечерва ќе го одржи и својот втор концерт, исто така во Македонската филхармонија од 20 часот. (Д.Т.)
Фото: П.Стојановски